Јанакиески: Жерновски да ја започне изградбата на градинката во Карпиштец

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска апелираа до градоначалникот на општина Центар да започне со изградба на детска градинка во населбата Капиштец.

Јанакиески рече дека парцелата од 5.320 квадратни мерки, која е во сопственост на Република Македонија, на општината Центар, со Одлука на последната владина седница, и е дадено на трајно користење.

„Деталниот план за изградба на детска градинка на оваа локација во Капиштец е изгласан во 2012 година. Изградбата на градинаката е нешто што им е од витално значење на жителите на овој дел на општина Центар. Во моментов на оваа локација се наоѓа детската градинка „Кочо Рацин“, која е во сопственост на општината и на нејзиното место е предвидено изградба на нов објект. Затоа апелирам го градоначалникот Жерновски конечно да се зафати со реализација на проекти кои се за општодобро за сите граѓани“, рече министерот Јанакиески.

Градоначалникот Трајановски, пак, додаде дека општина Центар ќе биде осободена од плаќање на комуналии за овој проект кој е од големо значење за жителите од овој дел на градот.

Жерновски потврди дека изградбата на градинката е започната

“Ја поздравувам одлуката на Владата на РМ и на Град Скопје за давање на трајно користење на парцелата на која што веќе почнаа подготвителните работи за изградба на градинката, како и ветувањето дека општина Центар ќе биде ослободена од плаќање на комуналии за овој проект.

Со ова продолжува традицијата за ослободување од комуналии на сите објекти кои се од општ интерес (градинки, училишта, болници и универзитети).

Освен градинката, како што им ветивме на жителите на општина Центар, ја започнавме процедурата за изградба и на ново училиште.

Се надевам дека истата кооперативност со Владата на РМ и со Град Скопје ќе ја имаме и во процесот на изградба на ова ново училиште.

Очекувам Министерството за транспорт и врски согласно законската процедура и обврски да ја заокружи процедурата за доделување на целото неизградено градежно земјиште во владение на општина Центар“.