Јанева не го почитува ниту законот, ниту институциите во Република Македонија

Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска не дојде во Советот на обвинители каде на дневен ред беше разгледувањето на извештајот за нејзината работа. Јанева повторно одлучи да ги понижи граѓаните и јавноста од чии џебови зема плата, непојавувајќи се да ретерира пред органот кој ја избира, пишува „Курир“.

Порталот наведува дека со ваквиот чекор таа покажа целосно непочитување на законите и на институциите во Република Македонија.

Аневски: Нужно е присуството на Јанева, извештајот има нејаснотии

Претседателот на Советот, Петар Аневски во изјавата за медиумите рече дека поради недоаѓањето на Јанева, кое значи непочитување на Советот, не се разгледал извештајот на СЈО и рече следната седница е закажана за во среда, на која јавно ја покани Јанева да дојде, за да подоцна, како што рече, нема некакви нејаснотии.

За денес беше поканета да дојде јавната обвинителка Јанева бидејќи ќе се разгледуваше извештајот кој беше донесен од нејзина страна. Членовите на Советот, сите заклучивме дека е нужно нејзиното присуство, бидејќи има доста нејаснотии и ги интересираат одредени проблеми кои се наведени во тој извештај. Од тие причини, извештајот ќе биде разгледуван во среда во 11 часот. Повторно ја покануваме обвинителката, која и овојпат покажа непочитување спрема Советот на јавните обвинители како и претходно кога ги запираше јавните обвинители да дадат свечена изјава. Ова неколку пати и се повторува. Се надевам дека во среда ќе биде присутна и ќе може да ни одговори на прашањата. Тоа е нејзина должност, рече Аневски.

Советот на јавни обвинители е орган пред кој таа одговара за нејзиното стручно и законито постапување. Непојавувањето на Јанева денес го отвори прашањето од кого и зошто таа се крие.

Сепак, Јанева мора да одговори на бројните прашања кои ги интересираат граѓаните, од чиј џеб таа зема голема плата.