Јанева тврди дека за сите отворени предмети има материјални докази и сведоци

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева презентирајќи го во четвртокот шестмесечниот извештај на СЈО пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, рече дека прислушуваните разговори кои се предмет на ова обвинителство се само индиција врз основа на која е остварена предистражната постапка и тврдеше дека за сите отворени предмети има материјални докази и сведоци.

Поврзувајќи го периодот од првиот до овој последен извештај на СЈО, Јанева рече дека со својот тим континуирано работи на откривање кривични дела што произлегуваат од добиените аудиофајлови. Посочи дека конечно е воспоставена соработка со Основното јавно обвинителство, со Обвинителството за организиран криминал и со други домашни и меѓународни институции.

На забелешките во јавноста дека не се третираат прислушувани лица од опозицијата, Јанева рече дека тие не можат да бидат предмет на истрага, бидејќи не биле функционери.

Специјалната јавна обвинителка побара и судот поинтензивно да ги закажува рочиштата за да може да ги докажат делата што ги наведуваат во обвиненијата и, како што додаде, судот треба да ја има предвид сериозноста на делата.

Пред членовите на Комисијата изрази уверување дека ќе се најде решение за правната положба на СЈО за да му овозможи до крај да ги заврши предметите.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека извештајот е нецелосен и не одговара на сите прашања што треба да ги содржи. Ја праша Јанева дали СДСМ им ги предале сите прислушувани материјали и дали за тоа има записник, бидејќи, како што рече, се слуша дека сѐ уште има такви разговори кои не им се предадени и се на „црниот пазар“. Пратеникот Илиоски ѝ забележа на специјалната обвинителка и дека во извештајот не дава детали како се потрошени околу 900 илјади евра, дека ангажирала вештаци кои биле високи функционери на СДСМ, и ја праша дали СДСМ ги предал сите прислушувани материјали на СЈО и дали има записник.

Јанева одговори дека СЈО направило попис на целокупниот прислушуван материјал што како доказ се наоѓа во судот, а е поврзан со предметот „Таргет-Тврдина“, но не се изјасни прецизно по прашањето од опозицискиот пратеник.

Јанева, на Илиески му одговори дека сите материјали се предадени во судот и дека е направен записник на сите предадени прислушувани разговори. Специјалната обвинителка додаде дека на веб-страницата на СЈО има даночна пријава од која може да се видат трошоците и дека вештаци ангажира според законот.

„Ја разбирам нервозата на пратеникот зошто СЈО продолжува да работи. Специјалното јавно обвинителство работи според законот, кој вели: ‘до завршување на сите постапки’“, одговори Јанева.

Врз основа на Извештајот во овој шестмесечен период, од септември 2017 до март оваа година, СЈО завело 136 предистражни постапки, отворило седум нови истражни постапки, а целосно се одобрени 15 обвиненија. Во истиот период, СЈО отворило седум нови истражни постапки против вкупно 17 физички лица.

СЈО досега обработило 515.572 од вкупно 606.555-те аудио-фајлови со кои располага односно 85 отсто од „бомбите“ предадени од Зоран Заев, при што изработени се 1.784 транскрипти.