Јаневска постави апсолутен државен рекорд на 50 метри

Кадетката Ана Јаневска постави апсолутен државен рекорд во дисциплината 50 метри пеперутка во 25-метарски базен, откако ја мина патеката за 29,61 секунди, со што за 14 стотинки го подобри најдоброто време што претходно беше сопственост на Мирјана Бошевска.

Пливачкиот клуб Бета од Скопје, најдобриот на меѓународниот турнир „13 Ноември“, освои вкупно 82 медали, од кои 37 златни, 21 сребрен и 24 бронзени. Најдобри по категории беа Миа Блажевска Еминова во категоријата помлади пионерки, Ана Јаневска во категоријата кадетки и Матеј Цветановски во категоријата кадети.

Македонските пливачи соборија уште четири државни рекорди: Марко Бејатовиќ во дисциплината 100 метри мешано за кадети, со време 59,76 секунди; Јаневска во дисциплината 50 м слободно – (27,40) и Матеј Цветановски во дисциплината 100 м слободно за постари пионери – 50,96 и во дисциплината 50 м слободно – 25,30 секунди.

Учествуваа 489 пливачи од вкупно 39 клуба од 14 земји: Македонија, Бугарија, Србија, Словенија, Словачка, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Хрватска, Австрија, Германија, Исланд, Романија и Грција.

На меѓународниот ватерполо-турнир учествуваа четири екипи од три држави: Бета (Македонија), Локомотив и Черноморец (Бугарија) и Раднички (Србија). Победник е Раднички, а македонскиот претставник го освои второ место.