Јанкулоска: Чавков е професионалец со беспрекорна кариера

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска преку социјалната мрежа Фејсбук му го честиташе изборот на новиот министер Митко Чавков.

-Митко Чавков е професионалец со беспрекорна кариера. Му посакувам среќа и многу професионални успеси како Министер за внатрешни работи, напиша Јанкулоска на Фејсбук.

Чавков доаѓа на позицијата министер за внатрешни работи по предлог на премиерот Никола Груевски, кој беше усвоен од Собранието, откако Јанкулоска си поднесе оставка.

Новиот министер за внатрешни работи на оваа функција доаѓа од позицијата директор на Бирото за јавна безбедност која ја извршување од мај 2013 година.

Роден е 24 јануари 1963 година. Дипломирал на Факултетот за безбедност во Скопје, магистрирал на Правниот факултет во Скопје и докторант е на Правниот факултет во Скопје.

Работното искуство го почнува во Министерството за внатрешни работи. По завршување на приправничкиот стаж работи како инспектор во УБК, началник на Секторот за криминалистичка полиција во Регионалниот центар на МВР во Струмица, заменик-началник на РЦ на МВР во Струмица, виш инспектор за дрога во МВР, началник на Секторот за криминалистичка полиција во РЦ на МВР во Струмица, самостоен инспектор за финансиски криминал во РЦ на МВР во Гевгелија.

Чавков потоа работел и како главен инспектор за финансиски криминал во одделот за организиран криминал во МВР, началник на одделот за организиран криминал во Централните полициски служби во Бирото за јавна безбедност при МВР, началник на Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Централните полициски служби во Бирото за јавна безбедност при МВР, началник на централните полициски служби во Бирото за јавна безбедност при МВР и директор на Бирото за јавна безбедност при МВР.