Јанкулоска: Функционерите на СДСМ бегаат од избори, а сакаат да ја добијат власта

Функционерите на СДСМ бегаат од избори, а сакаат да добијат власт. Тие со години не ја сфаќаат пораката која граѓаните им ја испраќаат по повеќекратните изборни порази, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која одговори на новинарско прашање за моменталната состојба со пратеничките листи и промените кои листите на опозицијата ги претрпе.

„Ваквото однесување на опозицијата во целост го рефлектира нивниот политички пристап  и нивното политичко однесување. Тие се обидоа да направат една кампања под мотото на промени и промовирање на нови лица. Јас од она што го видов, нема ништо ново во тоа што го нуди СДСМ. Ниту Заев е нешто ново, ни Шеќеринска која изгуби два пати катастрофално на избори е нешто ново, а уште помалку, нов лик во политиката е Стево Пендаровски. Тој како советник на Бранко Црвенковски учествувал во сите погубни политики кои Црвенковски на позицијата која ја извршувал ги креирал за Република Македонија. Обидот да наметнат атмосфера дека таму се случуваат промени очигледно е безуспешен затоа што аргументите не се на нивна страна“, рече Јанкулоска.

Примерот на СДСМ, рече министерката е уникатен, тие сакаат да дојдат на власт без да излезат на избори. Им порача дека на власт се доаѓа само преку довербата на гласачите.

„Најзагрижувачки е нивниот пристап кон граѓаните, односно кон гласачите.  Се чини дека имаме еден уникатен пример каде Заев и Шекеринска претендираат да станат извршна власт, едниот да биде премиер, а другиот вицепремиер, но не сакаат да излезат на избори. Сметаат дека тоа е нешто што нив природно им припаѓа и дека граѓаните се тука само за да се задоволи некоја форма, а нив им припаѓа да дојдат во извршната власт.  Поминаа времињата кога без избори се стануваше функционер во извршната власт. Македонија е демократска држава и граѓаните одлучуваат кој ќе биде премиер, а кој нема да биде и тоа се прави исклучиво на избори и никако на друг начин“, рече Јанкулоска.

Најзагрижувачко според неа е што СДСМ не ја сфаќа пораката која народот со години им ја испраќа на избори.

„По седум катастрофални изборни порази очигледно до нив не допрела пораката на граѓаните. Мислам дека овие два следни изборни процеси, претседателските и парламентарните избори ќе бидат уште една дополнителна порака од граѓаните каде што јасно и недвосмислено ќе им се стави на знаење дека кога барате од некого доверба должни сте да му ја кажете сопствената понуда како што тоа ние го правиме со програма и отчет“, истакна Јанкулоска.

Однесувањето на СДСМ потсетува на минатото време, на системот во кој СДСМ добро се снаоѓаше, рече Јанкулоска и додаде дека, тоа време е веќе завршено. ги коментираше и натписите во грчките медиуми за кои рече дека покажале дека Пендаровски за нив е фаворит, но за македонските граѓани фаворит е Ѓорге Иванов.