Јанкулоска ги советуваше пешаците како да внимаваат во сообраќајот

Со делење зелени и црвени флаери за правилно однесување на пешаците во сообраќајот, денеска на кружниот тек кај СП Планет во скопската населба Ѓорче Петров, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и претставници на Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај, ја почнаа кампањата „Неделата за безбедност на пешаците во Република Македонија“ која ќе трае до седми април.

Годишно во Македонија околу 40 лица го губат животот во сообраќајни несреќи како пешаци, а дури 200 сообраќајки се предизвикани од лица кои несовесно се однесуваат во сообраќајот како пешаци.

Јанкулоска вели денеска преземаат превентивна активност наместо вообичаеното изрекување казна од 3.000 денари за непрописно поминување. На пешаците кои правилно се однесуваат им се даваа зелени, а на другите црвени флаери како опомена.

„Минатата година речиси една петина од вкупната бројка на жртви во сообраќајот се пешаци, а заедно со моторциклистите и велосипедистите, пешаците сочинуваат една половина од загинатите во сообраќајни несреќи“, изјави Јанкулоска.