четврток, 25 мај 2017  |  Вести денес: 37

Јанкулоска: Јанева требаше да утврди кој е „премиерот Р…“ на кого се повикува Заев

– Следејќи го развојот на настаните од почетокот на кризата, преку договорот за нејзиното разрешување и формирањето на СЈО, с` поочигледно станува дека една од основните задачи и цели на Kатица Јанева е токму криењето на оваа суштинска информација која практично води до одговорот за причините за двегодишната криза во која беше втурната Македонија, вели во разговорот за „Дневник“ ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска како одговор на прашањето кој е всушност чадорот кој стои зад „Пуч“ и на кого во скајп-комуникацијата се повикуваа Верушевски и Лазаревски напоменувајќи дека тој нема да ги остави заборавени?

јанкулоска

Поврзани вести

Тоа значи дека правна разрашеница на слуачјот ќе нема?

СЈО беше формирано за да се дојде до правна разрешница на овој случај и да се надминат последиците предизвикани од него. Но наместо тоа, уште на самиот почеток СЈО влечеше крајно нелогични чекори, почнувајќи од експресното откажување од барањето за притвор за Верушевски и останатите обвинети уште пред воопшто да го проучи предметот, преку серијата одложувања на судењата поради тривијални причини од типот на семејни прослави и подготовка за празници, па с` до целосното повлекување на обвинението што значеше и фактичка аболиција за Заев, Верушевски и за останатите обвинети. Во јавноста со право се коментира дека целокупното дејствување на Јанева поддржано и од некои дипломатски претставници во земјава во изминатава година беше насочено кон создавање алиби за Заев, Верушевски и нивните инспиратори, односно чадорот.

Верушевски и Лазаревски во скајп-комуникацијата најавуваа дека ситуацијата може да излезе од контрола, а мирот може да експлодира. Двајцата се потсмеваа дека тие биле навикнати некој друг да страда, а тие да биле благонадежни. Ќе добие ли јавноста некогаш одговор за крајните намери на обвинетите во „Пуч“ и колку доказите што ги обезбеди тогаш полицијата се релевантни?

Тоа што досега беше објавено во јавноста говори и повеќе од доволно за намерите на ова злосторничко здружение. Самата помисла да се злоупотребуваат службите, нешто што беше признаено и од веќе осудениот Ѕвонко Kостовски, значи удар врз државата и безбедноста. Ако некој на почетокот имаше дилема која е крајната цел, сликата стана појасна откако ги видовме неколку месечните дивеења на таканаречената платеничка револуција во која беа повредени десетици полицајци, а беше предизвикана материјална штета тешка милиони евра. Македонија беше втурната во двегодишна политичка криза, најголема досега, која остави длабоки траги врз економијата и ги закочи сите реформи. Можеби крајната цел на инспираторите беше уште покрвава, но институциите на државата особено преку несебичниот и професионален ангажман на припадниците на МВР, останаа на висина на задачата и ги спречија во намерите.

Заев во писмото до Верушевски му ветуваше заштита однадвор и помош од некој премиер кој требало да му обезбеди работна виза. Јавноста уште не дозна за кого се работи ?

Доказите сега се во рацете на Kатица Јанева. Писмото го има Kатица Јанева. За жал, таа одлучи да го прикрива криминалот наместо да го расчисти и гони и да ја остави јавноста покуса за одговори на клучните прашања поврзани со предметот „Пуч“. Kолку што паметам, во писмото се споменуваше „премиерот Р…“, односно премиер чие име е со почетна буква Р. За кого се работи и дали е точна информацијата требаше да утврди истрагата.

Во предметот „Тенк“ не беше наведено ниту дали е предизвикана некаква штета со набавката на блиндираното возило, ниту колкава е штетата ако ја имало, ниту пак дали набавката била неопходна. За што станува збор?

Со овој случај, како слон во продавница за стакло, СЈО невешто се обиде да го дефокусира вниманието од нивната скандалозна одлука за фактичка аболиција на Заев и останатите обвинети во предметот „Пуч“. Kако министер во времето кога е спроведувана набавката, воопшто не сум учествувала во истата, но знаејќи ја стручноста на тимот во МВР кој постапувал, не се сомневам дека стручните лица постапката ја спровеле како што тоа го налага законот. Во периодот што претходеше на постапката имаше повеќе испитувања на пазарот преку обезбедување информации за вредноста на возилата со посебни безбедносни карактеристики, и цената за некои половни возила од овој тип ако добро се сеќавам беше приближно 600.000 евра. Во институциите кои се задолжени за превоз на ВИП-личности во која било земја во светот потребата од вакви возила е неспорна, а кај нас беше посебно изразена поради фактот што последната набавка на возила од таков тип била пред 20-ина години и нивното одржување и користење од ден на ден беше с` понебезбедно и понерентабилно.

Настаните од последните две години само го засилија впечатокот дека сите граѓани во оваа држава не се еднакви пред Уставот и законот. Последен ваков пример е состанокот на Зоран Заев со извесен Столе од Струмица поради што беше одложено едно рочиште од „Поткуп“. Kако може ова да се случува?

Делумно вината е и во органите на прогонот кои во неговиот случај беа недоволно иницијативни, внимавајќи да не остават ниту најмал сомнеж дека станува збор за политички мотивирани истраги. Веројатно затоа од страна изгледа дека тој е привилегиран во однос на сите останати граѓани. Неговата политичка функција веројатно беше главната причина која му помогна да биде спасен и од одговорноста за криминалот тежок 8 милиони евра во случајот „Глобал“. Процената на Црвенковски, во тоа време, претпоставувам била дека Заев ќе му биде вечен должник. Нешто слично гледаме и сега со „Пуч“. Овој пат најверојатно чадорот или можеби некој друг по чија инструкција работи СЈО проценил дека Заев треба да биде повторно аболиран, а Kатица Јанева ја изврши задачата.

Законите мора да важат и за „Сорос“

Претседателката на македонскиот разгранок на „Сорос“, Фани Kаранфиловска самата кажа дека 25 години немало никаква контрола врз невладината и отпочнатите инспекции ги протолкува како притисок врз Институтот отворено општество? Зошто досега беа оставени надвор од радарот на институциите? И тука, еднакви ли се сите пред законот?

Граѓанското општество и функционирањето на невладиниот сектор е од клучно значење за развојот и функционирањето на една демократија. НВО во едно општество и тоа како, може да бидат коректив на институциите и да наметнуваат теми кои се од значење за граѓаните. Сепак, општественото значење кое го имаат не може да биде параван за деструкција и насилно менување на демократски избрана власт. За жал, кај нас токму тоа се случи. Мрежата на НВО финансирани од Сорос безмалку се претвори во монопол, со својата финансиска доминација истиснувајќи ги од сцената невладините организации кои имаат ставови различни од нивните. Ваквото деструктивно дејствување наместо коректив на институциите ги претвори во деструктивен елемент во општеството. Но светот се менува, а нашето општество созрева. Никој не е недопирлив, па ни НВО финансирани од Сорос. Затоа повеќе од потребно е да има еднакви правила и ред и во функционирањето на НВО-секторот, а институциите мора да бидат оставени непречено да постапуваат и да си ја работат сопствената работа.

Најчитани вести