Јанкулоска: Kампањата се одвива во фер и демократска атмосфера

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, истакна дека предизборната кампања засега минува мирно во фер и демократска атмосфера. Таа додаде дека на терен засега не се регистрирани никакви проблеми поврзани со безбедноста на ниту еден од кандидатите и на ниту една од партиите.

„Очекувам до крајот на кампањата за претседателските избори учесниците во кампањата и кандидатите за претседател, а бидејќи наскоро почнува и кампањата за парламентарните избори, и кандидатите за пратници во Собранието, како и носителите на листите ќе се однесуваат достоинствено, ќе ја задржат фер и демкратската атмосфера и ќе им овозможат на граѓаните да носат одлука врз основа на фактичката состојба, врз основа на програмите кои ги презентираат кандидатите, а не врз основа на шпекулации и обиди за манипулации“, посочи Јанкулоска на денешната пресконференција.

Таа додаде дека пред неколку дена штабот на еден од кандидатите за претседател излегол со информација дека наводно настан предвиден за нивниот кандидат бил откажан по направена консултација со МВР од каде наводно добиле препорака настанот да се одложи и најостро ја демантираше ваквата информација.

„Откажувањата на настани како што претпоставувам се поради слаба заинтересираност на граѓани или можеби некои други приоритети на кандидатите заради кои одлучиле граѓаните да ги стават во втор план“, заклучи министерката Јанкулоска.