Јанкулоска:Ќе се истражува дали во криминалот во Куманово е вмешана локалната и централната власт

Цела криминална група, сите од едно семејство, се приведени во вчерашната голема полициска акција во Куманово и околината, под сомнение за сторен сериозен криминал, шверц со дрога, оружје, изнуди, перење пари, лихварство.
На случајот се работи две години, а криминалците се занимавале со цела палета на незаконски дејствија. Се документираа сознанијата, а завршната фаза беа претресот и приведувањето. Запленета е и голема документација.

За оваа тема, говореше министерката Гордана Јанкулоска во дневникот на ТВ Алфа.

„Можно е од документацијата да произлезе и проширување на истрагата во смисла на тоа дали се инволвирани и други лица кои првично не биле опфатени со нашата истрага, евентуална инволвираност на претставници на институции од локално или централно ниво. Дополнително ќе се утврдува дали има и други кривични дела кои до овој момент не биле документирани, а ќе може да им се стават на товар на осомничените,“ рече Јанкулоска.

Целата јавност, додаде, можеше да види дека овие луѓе се стекнале со значителна имотна корист.

Таа говореше и за можноста граѓаните пред избори да извадат документи по забрзана постапка. Такви документи немаат над 124.000 граѓани.

„Ние само потсетивме на една веќе воспоставена пракса. МВР секогаш издавало документи, дури и на самиот ден на изборите. Прашање на аргументација на ДИК е кои лица ќе се најдат на избирачкиот список. Ние мора да останеме отворени за сите граѓани,“ рече таа.

За подготвеноста на полицијата за изборите, за обвинувањата од СДСМ и новите вработувања, дознајте од видеото во продолжение.