Јанкулоска: Куманово покажа дека прави разлика меѓу нас и СДСМ

Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во ИЕ 2 Гордана Јанкулоска од митингот во Куманово порача дека граѓаните на овој град конечно сфатиле колку е погубна политиката на СДСМ.

Пред две недели Куманово покажа дека прави разлика, разлика помеѓу нас и СДСМ. Куманово конечно сфати колку се погубни политиките на СДСМ. Покажавте дека сте за реформи, за просперитет. Куманово одлучи да сврти нов лист и сега нема враќање, победуваме во Куманово, во цела Македонија, порача Гордана Јанкулоска од митингот во овој град.

Таа воедно му порача на актуелниот градоначалник на Куманово Зоран Дамјановски дека тој и неговите директори можат да продолжат да одат по кумановските кафани, но не на сметка на граѓаните како досега, туку на сопствена сметка.

„Ние пред вас излегуваме со отчет за сработеното и со програма за тоа кое што сакаме да го реализираме. За разлика од нивните успеси кои се бројат во гозби и ручеци на државна сметка, ние пред вас доаѓаме со проекти кои се бројат, а сме ги ветиле и сме ги оствариле, но и со оние што не сме ги ветиле, а сме ги оствариле, затоа што значат подобар живот за граѓаните“, вели Јанкулоска.

Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во ИЕ2 на митингот спомна само дел од проектите кои досега се реализирани, не само во Куманово, туку во цела Македонија.

„Успеавме да привлечеме нови странски инвестиции и да отвориме 120 илјади нови работни места. Холандската компанија „Стил“ инвестираше 3,5 милиони евра во погон за челични конструкции во Куманово. Една од најголемите украински компании за преработка на бакар донесе одлука за инвестиција вредна 200 милиони долари што ќе обезбеди работа за 500 лица, беше изградена делницата Куманово-Табановце која заедно со клучките чинеше 13 милиони евра“, ги истакна Јанкулоска овие проекти како дел од она што Владата на ВМРО-ДПМНЕ го има реализирано во изминатите осум години.

Јанкулоска потенцираше дека СДСМ наместо со конкретни проекти, продолжува да води кампања полна со навреди, со лаги, со клевети. Но и покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ настапува максимално сериозно.

Таа во својот говор на митингот во Куманово спомна само дел од проектите кои ги содржи програмата „Проверено“.

„За Куманово нудиме изградба центри за палијативна грижа на стари лица што во моментов постојат единствено во Скопје и Битола, ќе ги унапредиме условите за реализација на културните активности, ќе извршиме реконструкција на далноводот со што ќе се зголеми стабилноста на електроенергетскиот систем, во делот на термоминералните води и рекреативниот туризам планираме да дадеме под концесија некои од постоечките локации меѓу кои една е во Куманово и ќе предвидиме изградба на модерен туристички комплекс“, беа само дел од проектите кои ги спомна Јанкулоска, а воедно најави голем број на инфраструктурни зафати, реконструкции на патишта, изградба на народни кујни, железнички станици и стојалишта, изградба на надвозници и подзвозници и сето тоа како дел од новата програма „Проверено“ која се состои од нови 2046 проекти.

Таа им порача на сите кумановци да ја прочитаат новата програма и да дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, како и за кандидатот за претседател Ѓорге Иванов, затоа што ова е победничката комбинација.