Јанкулоска: Македонија прави се’ за намалување на бројот на азиланти

Македонската Влада прави се за намалување на бројот на нелегалните азиланти кои потекнуваат од Македонија, а кои за жал се уште се присутни во западноевропските земји, преку преземање превентивни, но и репресивни мерки кои значат обесхрабрување на злоупотреба на безвизниот режим, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во обраќањето на форумот „ЕУ – Западен Балкан“, што се одржува од вчера во Будва.

„Потенцирав дека нашиот фокус е ставен и на подобрување на условите за живот на ранливите категории кои согласно детектираниот профил на лажен барател на азил доаѓаат од Република Македонија“, изјави денеска за МИА министерката Јанкулоска.

Една од главните теми на министрите за внатрешни работи, како што рече, беше поствизната либерализација, односно мониторингот на поствизната либерализација и состојбите со бројот на лажните азиланти и граничното управување, пред се кога станува збор за илегалните миграции ако се земе предвид дека земјите од Западен Балкан се наоѓаат на западноевропската рута која е една од најпогодените од мигрантите кои доаѓаат од Африка и Азија.

На форумот акцент е ставен и на нелегалните миграции и нивното спречување кога станува збор за миграциите од ризичните подрачја.

Министерката Јанкулоска пред присутните посочила дека Република Македонија како земја која практично е на надворешната граница на Европската унија, се соочува со сериозен проблем на мигранти кои доаѓаат преку јужната граница.

„Ја искористив приликата да потенцирам дека борбата против нелегалните миграции не може да биде оставена само на една земја, пред се заради тоа што ваквата борба бара регионални капацитети и регионален одговор. Во таа смисла потенцирав дека Република Македонија како земја која практично е на надворешната граница на ЕУ се соочува со сериозен проблем на мигранти кои доаѓаат преку јужната граница и за разлика од сите други соседни држави со кои имаме различни модели на гранично управување кои подразбираат интензивна и секојдневна соработка“, вели Јанкуловска.

За жал со Република Грција, како што посочува, соработката не е на нивото како што македонската страна посакува да биде.

„И како иден претседавач со ЕУ упатив уште еден апел до оваа земја да се подигне нивото на соработка бидејќи тоа е од интерес не само на нашите две држави, туку и на целата ЕУ“, нагласи македонската министерка за внатрешни работи.

На маргините на форумот Јанкулоска се сретнала со колегите од Црна Гора и од Косово, Рајко Коњевиќ и Бајрам Реџепи, како и со премиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

На средбите, како што рече Јанкулоска, станало збор за прашањата кои се од билатерален интерес.

„Ги разгледавме новите иницијативи за меѓународна соработка и како земји кои се географски блиску ние постојано имаме прашања за кои може и треба да дискутираме во насока на подобрување на условите за граѓаните од нашите земји без разлика дали станува збор за размена на полициски службеници во текот на туристичката сезона или сличните периоди или договори за евентуално признавање меѓусебно на возачките дозволи или други прашања кои значат олеснување на преминот на нашите меѓусебни граници“, истакна Јанкулоска.

На дводневниот форум „ЕУ – Западен Балкан“ во Будва се дебатира за функционирањето на министерствата за внатрешни работи и правда каде, како и за прашања кои се од најголем интерес за државите од Западен Балкан во контекст на Европската унија.

На собирот учествува и министерот за правда Блерим Беџети, кој денеска ќе има обраќање за реформата на правосудниот систем во Македонија.

Во Будва, како што информираат од кабинетот на Беџети, ќе бидат потпишани два договора кои се однесуваат на меѓународната соработка во кривичната и граѓанската материја и на меѓусебно извршување на судските одлуки во кривични предмети.

Беџети ќе има и повеќе билатерални средби со негови колеги.