Јанкулоска: Македонија жестоко се бори против сите форми на тероризам

Mинистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за време на гостувањето во вестите на Сител телевизија зборуваше за новиот предлог-закон кој го усвои Владата на вчерашната седница, со кој се предвидуваат затворски казни за учество во странски војски, паравоени формации, параполициски формации и полиција.

– Тоа е од причина што кривичното дело кое се однесуваше на оваа проблематика постоеше во кривичниот законик не доволно ги покриваше сите оние случаи, посебно случаите за оние поединци кои се најдиректни учесници во ваквите активности. Токму затоа, правејќи анализа на предизвициде, од аспект на националната безбедност, со кои се соочува Република Македонија, ние одлучивме да застанеме зад една ваква иницијатива и како Влада да предложиме до Собранието една строга законска регулатива која ќе испрати јасна и недвосмислена порака дека Македонија е на страната на глобалната коалиција за мир, дека Македонија жестоко се бори против сите форми на тероризам и лицата кои се македонски државјани, а размислуваат или се вклучуваат во вакви активности, најстрого ќе бидат санкционирани, појасни таа.

Таа доаде дека нема прецизна бројка за тоа колку лица учествуваат во странски војски, поради тоа што ниту една институција не може да има прецизна бројка,  бидејќи не постои законски основ или институција која води евиденција на ваквите лица.

– Меѓутоа фактот што се почесто во медиумите наидуваме на информации дека лица на европскиот континент загинале во далечниот Исток, се соочуваме со проблем кој не е некаде на друго место, проблемот е тука и во нашиот регион и опкружување и затоа Македонија мора навреме да реагира. Впрочем, ние имавме и ситуација каде што и државјани на Македонија беа пријавени како лица кои загинале, со тоа што не сите беа регрутирани, условно речено во земјава. Имаше одреден дел од тие лица, кои и покрај тоа што се македонски државјани, заминале на боиштата од земјите на западна Европа, додаде Јанкулоска.

Таа прецизираше дека Законот налага да се утврди фактичката состојба исклучиво врз основа на докази.

-Но ваквата формулација која сега ја предвидува законот е доволна основа за санкционирање, тогаш кога доказите се обезбедени на конкретните лица кои учествувале во ваквите воени конфликти. Би сакала да направиме една јасна дистинкција дека мировниците кои учествуваат во мировни мисии не потпаѓаат под овој закон. Напротив, мировните мисии, мисиите на меѓународно признати институции и организации се сосема нешто поинакво, појасни таа.

Вториот дел од законот предвидува санкционирање и на оние лица коишто повикуваат на учество во такви конфликти и ширење на верска омрза.

– Делото е комплексно, тоа не се состои само од фактичкото извршување на дејствија на учество во воениот конфликт, туку и самата постапка на повикување, регрутирање, афирмирање на вакви активности, без разлика дали се работи за аудио или видео сними, или преку социјалните мрежи, измените на Кривичниот законик предвидуваат да се казнува.  Искуството и социолошките истражувања покажуваат дека помладата популација е поподложна на манипулација. Ние дури и предвидуваме построга казна доколку кривичното дело за кое зборуваме или се однесува на дете, посочи Јанкулоска.

Ова, како што нагалси министерката,  е предизвик за целиот цивилизиран и демократски свет и Р.Македонија не е исклучок во носењето на една ваква регулатива, најмоќните држави во светот, нагласи таа, поддржуваат и носат вакви законски решенија.

Јакулоска додаде и дека голем дел од земјите во регионот веќе го направиле истиот чекор како Македонија,  односно пристапиле кон предвидување на строги казни за лицата кои учествуваат,  организираат или поттикнуваат учество во воени дејствија во други држави.

Службите задолжени за националната безбедност, пред се Управата за безбедност и контраразузнавање деноноќно се посветени на следење на состојбата и одржување на полна безбедносна сосотојба во Р.Македонија, нагласи Јанкулоска.

Меѓутоа посочи дека кога станува збор за закани од тероризам , е многу тешко истите да се предвидат, па токму поради тоа неможе да се исклучи опасноста или да веруваме само дека таквите настани се случуваат само на друго место.

– Токму затоа остануваме посветени и сите ресурси со кои располагаме се максимално мобилизирани во функција на одржување на поволна национална безбедност, заклучи Јанкулоска, која додаде дека враќањето на истите во државата претставува дополнителен стеен на закана бидејчи таквите лица полесно и почесто одлучуваат да го промовираат сопствениот избор кај дрги лица.

Целото гостување на министерката Гордана Јанкулоска во вестите на Сител телевизија следува во продолжение.