Јанкулоска: „Машинопромет“ е класичен случај на економски криминал

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска изјави дека случајот „Машинопромет“ е класичен случај на економски криминал и оти МВР е неселективно.
Пратеникот Благоја Стојановски, од СДСМ ја праша Јанкуловска зошто беше издадена меѓународна потерница по претседателот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ и е приведен во Виена, кога тој најави дека ќе се врати во земјата и зошто акцијата беше спроведен токму кога тој заминал на операција на синот во Америка.
„Вашата констатација дека некого сме го привеле во Виена е апсолутно неточна. Го привела надлежната институција во соодветна држава врз основа на  меѓународна потерница издадена од надлежна институција односно од надлежниот суд кој постапува по предметот, а која е дистрибуирана преку единствениот систем на Интерпол,“ изјави Јанкуловска.
Министерката посочи дека имало бројни обиди за манипулирање со овој случај и даде објаснување зошто се уапсени осомничените во случајот „Машинопромет“.
„Во овој случај опфатени се вкупно 12 лица и тоа во различни својства. Дел од нив се членови на Управен одбор, на Надзорен одбор, дел се сопственици на приватни фирми, а дел се и службени лица од УЈП.  Тие направиле различни кривични дела и различни лица се инволвирани во фази од сторувањето на кривичното дело,“ рече таа.
Во фирмата „Машинопромет“ свој капитал од 30 проценти има и Фондот за пензиско осигурување.
 „Спротивно на Законот на трговски друштва, на решенијата на Судот со кои е отворена предстечајна постапка и е изречена мерка забрана за располагање со имотот на друштвото, тие одлучиле да ја обезвреднат фирмата да го продадат имотот односно стоката која ја имале во залиха да ја продадат во форма на старо железо, а понатаму да се открие дека фирмите на кои им ја продавале стоката не само што не ја третираат како старо железо, туку напротив по реалната пазарна цена истата таа стока ја продаваат на пазарот,“ рече Јанкуловска.
Иницијална информација за Обвинителството да се одлучи да ја започне постапката за овој случај, според Јанкуловска, е документацијата што била пронајдена.
„Во оваа фирма беше пронајдено комлетно двојно книговодство. Тоа е кривично дело. Да биде ситуацијата уште појасна дел од стоката е пронајдена на лице место и таа е запечатена во магацините и нема бегање. Колку и да држите пресови дека се работи за политички случај фактите се немилосрдни. Судот ќе цени кој е во право и што вреди повеќе. Дали доказите  или вашите политички обвинувања,“ рече Јанкуловска одговарајќи на прашањето на пратеникот Благоја Стојановски.
Ако за некое лице имаме основани сомневања кои се поткрепени со докази дека го прекршило Законот, посочи таа, без разлика дали се работи за лице кое е политички активно во редовите на владејачката структура, во некоја општина или се работи за висок функционер на Управата за јавни приходи, која секако дека ја има политичкта поддршка од Владата, ние ќе постапиме на ист начин како што постапивме во случајот со „Машинопромет“.