Јанкулоска: Младите и веруваат на полицијата, затоа сакаат да работат во МВР

„Ви честитам што успеавте да ја минете строгата, но праведна и транспарентна селекција на кандидати за полициски службеници чиј дом во наредните месеци ќе стане Центарот за обука каде ќе се едуцирате за работните предизвици кои ве очекуваат“ истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска за време на денешната посета на четиристотината кандидати за полициски службеници што во наредните месеци ќе се доедуцираат во Центарот за обука во Идризово.

Јанкулоска потенцираше дека ова е втората генерација која што мина низ еден современ и стандардизиран систем на оценување во кој покрај физичките критериуми подеднакво беа важни и општообразовните, психолошките и здравствените критериуми.

„Наспроти новините што ги воведовме, односно прилично строгите критериуми на селекција,  стои и фактот дека никогаш досега немало толкав интерес кај младите, што без никаква дилема говори за два факти. Едниот дека новиот систем на прием ужива доверба меѓу кандидатите дека тие што се објективно најподготвени на крајот ќе бидат највисоко рангирани. Додека вториот факт е исклучително високото почитување и доверба што полицијата ја има меѓу граѓаните, вклучително и меѓу младата популација“ нагласи министерката.

Изразувајќи ја убеденоста дека и оваа генерација идни полициски службеници ќе ги достигнат и престигнат високо поставените стандарди Јанкулоска им порача на идните полицајци дека  пред нив се месеци во кои тие ќе се зближат, градејќи  колегијалност, пријателства, заедништво кое што е неопходно не само како индивидуална придобивка туку и како професионална каратеристика бидејќи само на тој начин ефикасноста и успехот во работењето се загарантирани.

Инаку обуката која што ќе трае 12 месеци е поделена на три модули од по четири месеци во кои што идните полициски службеници ќе се обучуваат за различните области од полициското работење вклучително и преку практична полициско-тактичка работа. Една од мноштвото новини при обуката ќе биде и можноста преку таблет компјутери што ќе ги добијат кандидатите во секое време да имаат пристап до библиотеката на Центарот а се со цел подобро и поквалитетно нивно теоретско подготвување.