Јанкулоска: Младите совесно да се однесуваат на прославата на матура

МВР традиционално по шести пат учевствува на манифестацијата Денови на образование и кариера, со цел преку превенција да дејствува на младите луѓе, соодветно да се однесуваат кога станува збор за почитување на правилата и прописите во делот на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.

„И оваа година како и секоја претходна друга нашата таргет група се матурантите и полуматурантите на кои сакаме да им ги предочиме опасносните од прекршување на законите од јавниот ред и мир во смисла на нивно совесно однесување при прославувањето на матурските вечери,“ изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Таа истакна дека изненадувачки голем е интересот на матурантите за можностите кои ги нуди Владата. На многу млади луѓе им презентирале дека во новата четиригодишна програма, продолжуваат со мерките за поддршка на образованието.

„Продолжува мерката за стипендирање на секој поединец кој ќе успее да се запише на 100-те најдобри Универзитети во светот со целосно покривање на сите трошоци на студирање или на 200-те најдобри универзитети од областа на техничките науки,“ истакна Јанкулоска.

Информативните материјали кои МВР ќе им ги дели на младите луѓе содржат извадоци од законите за јавен ред и мир, во делот нa кривичниот законик и безбедноста во патниот сообраќај. Целта на превентивното дејствување е младите да бидат свесни дека несовесното однесување може да ги чини живот.Минатата година имаше зголемен број на сообраќајни несреќи  со смртни последици каде што жртви беа младите луѓе.

Манифестацијата Денови на образование и кариера започна денеска и ќе трае до недела, а учевствуваат 17 домашни и 13 странски изложувачи.