Јанкулоска најави зајакната борбата против меѓународниот и транснационалниот криминал

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во текот на денешната дискусија на министрите за внатрешни работи од земјите на западниот Балкан, во рамки на Конференција во Рим „ИПА 2013 Западен Балкан“, нагласи дека проектот „Борба против организираниот криминал – меѓународна соработка во казненото право“, ќе биде од корист не само за државите од регионот, туку и за членките на ЕУ.

Таа изрази очекување проектот да ги зајакне капацитетите за борба против организираниот и транснационалниот криминал согласно најдобрите европски пракси.

На конференцијата, соопшти денеска МВР, биле презентирани активностите  и резултатите кои треба да се постигнат од проектот вреден пет милиони евра којшто во наредните три години треба да биде реализиран во регионот на западниот Балкан, а во координација со италијанското Министерство за внатрешни работи. Од претставниците на државите била изразена подготвеност за активно учество во реализација на проектот чија што практична имплементација ќе следи во наредниот период.

Инаку, целта на овој ИПА проект е превенцијата и борбата против транснационалниот криминал и поврзани случаи на корупција со прекугранични импликации.

– Истовремено треба да овозможи и подобрување на меѓународната соработка на органите за прогон на стратешко и оперативно ниво, како во самите институции на земјите корисници на ИПА проектот, така и меѓу самите корисници, потоа со ЕУ членките и со  ЕУ регионалните и меѓународни институции за спроведување на законот. Пред се преку поддршка во меѓународните истраги и кривични гонења, унапредување на безбедна размена на информации и употреба на модерна технологија за комуникација и механизми за заштита на податоци според ЕУ-стандарди, стои во соопштението од МВР.

Во рамки на проектот кој што подразбира покрај финансиска, техничка и оперативна поддршка и помош ќе бидат отворени четири регионални канцеларии од кои и една во Скопје.

Министерот за внатрешни работи на Италија Анџелино Алфано, домаќин на конференцијата, истакна дека Италија како и досега останува максимално посветена во поддршката и соработката со земјите од регионот на нивниот пат кон целосно европско интегрирање.