Јанкулоска: Нашите политики ги креираме врз реалните потреби на граѓаните, така и ќе продолжиме

ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија, партија која секогаш чувствува потреба да даде отчет пред сопствениот народ и овој пат пред граѓаните на Крива Паланка и околните населени места е тука да зборуваме за она што значи реален живот на граѓаните, односно подобрување на условите за живот во сите области. Ова во вестите на Канал 5 телевизија го нагласи министерката за внатрешни работи и член на ИК  на ВМРО – ДПМНЕ Гордана Јанкулоска.

Таа пред вечерашната трибина на владејачката партија во Крива Паланка во изјава за телевизијата нагласи дека во последниве неколку месеци владата предводена од ВМРО – ДПМНЕ промовираше над 60 различни проекти кои се однесуваат на различни области од општественото живеење.

– Она што денес сакаме да им го претставиме на кривопаланчани се токму тие мерки, без разлика дали се работи за пакетот мерки поврзани со проектот „Македонија вработува“, кои засега, некаде околу 150.000 луѓе се невработени, а припаѓаат на разни категории на лица кои се опфатени со овој проект. Дали тоа се земјоделци на кои ќе се однесуваат новите мерки во областа на земјоделството, дали во делот на субвенциите или во делот на регистрација на тракторите и земјоделските машини или голем број други предлози кои ние ги даваме, а доаѓаат токму од ваквите отворени и директни дебати со граѓаните. Меѓутоа не помалку важни се проектите во здравството, во образованието, впрочем во сите области на општественото живеење. Ние како партија нашите политики сме ги креирале врз основа на реалните потреби на граѓаните и така и ќе продолжиме. Впрочем граѓаните се најдобриот коректив и граѓаните најдобро знаат кои се областите каде што постои дополнително подобрување, рече Јанкулоска.

Министерката нагласи дека меѓу другото во рамки на трибината ќе стане збор и за актуелните политички случувања во земјата.

– Република Македонија се наоѓа во динамични политички времиња. Во овој период ние сме сведоци на една крајно непринципиелна политичка борба која доаѓа од страна на опозицијата. Очигледно е дека Зоран Заев и неговите соработници соочени со недостаток на идеи и немајќи конкретна понуда со што може да излезат пред граѓаните, во смисла на алтернатива на она што го нуди ВМРО – ДПМНЕ се одлучија за политичка презентација со средства кои се крајно недозволени, рече таа.

Додаде дека опозицијата веќе подолго време со креирани, монтирани и незаконски стекнати материјали се обидува да ја претстават реалноста во РМ на начин кој не кореспондира со фактичката состојба на терен.

– Меѓутоа граѓаните на РМ се мудри и тие долги години ги познаваат политичарите. Она што ние сакаме да им порачаме на луѓето во Крива Паланка и на сите оние кои вечерва ќе ја проследат трибината на ВМРО – ДПМНЕ е да гледаат што работат политичарите, какви се делата кои остануваат зад нив и да веруваат на она што го виделе и доживеале низ сопственото искуство, затоа што колку и да се обидува Зоран Заев и сите оние претставници на опозицијата да креираат слика за поединци или за целата владејачќка структура врз основа на незаконски стекнати материјали, кои што се монтирани во контекст кој тие сметаат дека им одговара, граѓаните многу тешко потпаѓаат под манипулации, рече Јанкулоска.

Таа на крај подвлече дека  тактиката на Зоран Заев посебно во делот на нараушување на добрите меѓуетнички односи, добрите меѓучовечки односи со влијаење на еден начин врз безбедносната состојба во РМ преку поткопување на безбедносните служби, без разлика дали се работи за неаргументирани обвинувања или се работи за презентирање на сегменти од монтирани материјали нема да му успее, затоа што институциите во РМ имаат капацитет да се справат со секоја ситуација, вклучително и со оваа.

Порача дека граѓаните не треба да бидат вознемирени од последните случувања во земјата, кои, како што нагласи таа, не би смееле да се потценат.