Јанкулоска: Одлучни сме во пристапот за подигање на безбедноста во сообраќајот

Сообраќајната безбедност не може да се третира само како прашање на почитување на законската регулатива или пак само како стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфраструктура, туку пред се како приоритетна проблематика од поширок јавен односно општествен интерес, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната тркалезна маса на тема „Употребата на смартфони и конзумирање на алкохол и психотропни супстанции-опасно по животот на младите во сообраќајот“, по повод одбележувањето на светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајот.

– Сто и десет лица, наши роднини, пријатели или познаници ги загубија своите животи во изминатите 10 месеци на патиштата низ Република Македонија. Бројките во никој случај не може да ја одразат вистинската траума на секое дете, брат или сестра или татко и  мајка, рече Јанкулоска.

Таа информира дека годинава во однос на истиот период лани има намалување на бројот на лица починати во сообраќајки за 30 отсто. Тоа се, подвлече, 54 лица помалку загинати. Лани за истиот период во земјава беа регистрирани 164 жртви во сообраќајни несреќи.

– Иако ни се забележува на ригорозноста, ние сепак сме одлучни во нашиот пристап кон подигање на безбедноста на сообраќајот на едно високо ниво, притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за неисправните возила, за непочитување на прецизните сообраќајни правила и прописи, истакна министерката Јанкулоска.

Заедничка обврска на сите, подвлече таа, е да се продолжи со несмалено темпо со активностите, особено во превентивниот период, имајќи го предвид пред се постојаното укажување дека пречекорувањето на дозволените брзини за возење, алкохолот, употребата на дроги и други психотропни супстани, како и користењето на смартфони и мобилни телефони, или неупотребата на бебедносните ремени и заштитни кациги за мотоциклистите се главните чинители за сообраќајните несреќи со смртни последици и тешки телесни повреди.

Повикувајќи се на податоци од истражување на РСБСП Јанкулоска информира дека почетокот на септември процентот на возачи во Скопје кои користеле сигурносен појас изнесувал 37 проценти, по спроведената кампања „Почитувај ги правилата-почитувај го животот“, во октомври процентот се покачил на 48. Од останатите градови, предводник е Демир Капија со 68 проценти, додека на дното се наоѓа Кичево со само 3 проценти.

Според претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Никола Ангеловски, одбележувањето на овој ден има и превентивен карактер во насока на намалување на сообраќајните незгоди.

На денешната тркалезна маса, подвлече, акцентот е на учеството на младите во сообраќајот, како најранлива категорија учесници во сообраќајот.

– Интензивните кампањи и другите активности за едукација и за  подигнување на јавната свест за потребата од постојано унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата  ги дава првите позитивни резултати. Бројот на жртвите во сообраќајот на патиштата во првите 9 месеци годинава е значително намален споредбено со истиот период минатата година, изјави претседателот на РСБСП, Ангеловски, кој посочи дека на глобално ниво ово ден годинава се одбележува по 21.пат.

Тој информира дека фактот што годишно повеќе од еден милион луѓе во светот загинуваат во сообраќајот на патиштата укажува на  потребата од преземање перманентни активности на глобално ниво, регионално, национално и локално ниво за спречување на сообраќајните несреќи особено  на оние со фатални последици.