Јанкулоска одржа предавање за влијанието на алкохолот, дрогата и психотропните супстанции кај младите

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ одржа предавање за влијанието на алкохолот, дрогата и психотропните супстанции кај младите – од безбедносен и од здравствен аспект, во рамки на заедничките превентивни активности кои се насочени кон младата популација на МВР и Министерството за здравство.

– Овие превентивни и едукативни предавања ги цениме како исклучително корисни затоа што се наменети за популација која е во развој, лица кои во оваа возраст го формираат својот карактер и за кои е посебно значајно да ги чујат сите фактори на ризик за кои треба да бидат посебно внимателни во секојдневниот живот, изјави министерката Јанкулоска по предавањето, додавајќи оти ваквите активности ќе продолжат во сите средни училишта на територијата на Град Скопје.

Татјана Баевска Вучковиќ, директор на ЈЗУ Здравствен дом-Скопје информираше дека предавањата се реализираат во рамки на кампањата под мотото „Одбери здрав живот, кажи за дрогата, алкохолот и цигарите“.

– Целта е да превенираме со почетокот на употребата и на сите оние кои почнале да укажеме на последиците кои што може да ги имаат бидејќи оваа возраст е одбележана со експериментирање, самодокажување, поистоветување со модел од околината и при тоа користењето на овие супстанци може да доведе до последици по физичкото здравје, во делот на повреди и сообраќајните незгоди, во однос на психичкото здравје, на социјалното однесување и интерперсоналните односи, изјави Баевска Вучковиќ.

Според неа, токму затоа, се одржуваат овие едукативни работилници, во кои се вклучени 44 здравствени работници, а вкупно за оваа година се планирани посети на 1.016 паралелки од прва до четврта година.