Јанкулоска оствари средба со словенечката министерка за внатрешни работи

На маргините од 83 -то Генерално собрание на Интерпол што се одржува во Монако, Франција, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Митко Чавков се сретнаа со министерката за внатрешни работи на Република Словенија, Весна Гјоркос Жнидар.

На средбата министрите Јанкулоска и Жнидар констатирајќи дека меѓу двете земји нема отворени прашања, досегашната меѓуполициска соработка ја оцениле како исклучително успешна, како на билатерален план така и во рамки на повеќето регионални и европски иницијативи и проекти во коишто заеднички партиципираат двете земји, односно двете министерства.

Притоа во насока на продлабочување и интензивирање на соработката на средбата министрите Јанкулоска и Жнидар разговараа за операционализацијата на повеќе иницијативи во наредниот период пред се нотирајќи ја потребата од изготвување и потпишување на Договор за полициска соработка, потоа околу договорот за реципрочно признавање на возачките дозволи, соработка во областа на размената и едукацијата на полициски кадри и друго.