Јанкулоска: Шилегов првиот пораз од мене го доживеа во судница, во недела пак ќе биде поразен

Носителот на листа на ВМРО-ДПМНЕ во изборна единица 2, Гордана Јанкулоска вечерва се обрати на митингот во Бутел.

Таа изминативе недели секојдневно е на терен и на средби со граѓаните. Посочи дека на едната страна е работата, отчетот, 2046 проекти за сите граѓани, а од другата страна, кај СДСМ, навреди клевети и манипулации.

„Горда сум на Бутел затоа што ја препозна разликата, знае да награди, а знае и да казни. Бутел знае што е најдобро за себе и за Македонија.Да гласате за просперитет и развој, за подобра Македонија. Викнете ги и вашите блиски кои можеби се двоумеле за кого да гласаат, да ги поддржат 2046-те проекти. Тоа се проекти за сите. Ни треба поддршката за да не се пазариме и да не преговараме за она што знаеме дека е во интерес за Македонија. Да им помогнеме на оние кои не гласаа за другата опција. Да им помогнеме затоа што нив ги лажат, ги манипулираат и им се закануваат. Кога ќе застанат зад параванот, тие се сами. Луѓето ја прават разлика. Секој глас даден за оние за кои се знае дека нема да победат, е загубен глас. Тоа е можеби гласот за 62 пратеници во македонското Собрание“, рече Јанкулоска.

Таа посочи дека во недела ќе се одлучува дали ќе гласате за проекти или клевети и лажни ветувања. Дали ќе гласате за 64.000 вработувања или за заканите на Заев за бркање од работа.

„Заев и Шекеринска пуштија луѓе од резервниот состав да изгубат наместо нив. Нивниот носител од Куманово, кој никој не го познава, го слушам вели ќе клечеле на колена. Се гледа дека клечењето на колена им е опсесија. Заев клечеше и молеше пред лидерите на албанските партии во Македонија и пред Грците. Му порачувам на Шилегов да се јави кај Минчев и Павловска Данева. Тие побараа тука поддршка, а каде се сега? Мегданот е на изборите, јас сум секогаш овде и кога е тешко и кога се слави. Нив ги нема. Го нема Заев, ја нема Шекеринска. Избегаа од пораз, го пуштија Шилегов. Неговиот пораз е пораз на СДСМ. Тој првиот пораз од мене го доживеа во судница, кога одговараше за клевета. Во недела ќе доживее поголем пораз“, рече таа.

Јанкулоска истакна дека го бара гласот на граѓаните за да се реализираат бројни проекти во Бутел и огромен број проекти низ цела Македонија.