Македонија

Јанкулоска со детали за акцијата „Пуч“

Јанкулоска со детали за акцијата „Пуч“

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето гостување на вонредните вести на Сител телевизија, откри повеќе детали за акцијата Пуч, која утрово беше спроведена во Струмица.

-За првпат во историјата на независна Република Македонија истражните органи спречуваат обид за насилно уривање на уставниот поредок. Во кривичната пријава опфатени се четири лица на кои им се ставаат на товар кривични дела шпионирање, насилство врз највисоки претставници на државни институции и крив дело помагање. Тоа се лица кои организирано дејствувале на употреба на одредени информации по нелегален пат за да извршат притисок врз претседателот на Владата на Република Македонија, наметнувајќи свои барања надвор од законските процедури да се формира техничка влада, истакна таа.

Јанкулоска додаде дека со оглед на тоа што првоосомничениот е веќе во притвор поради други кривични дела, при претрес во консултација со јавен обвинител, доколку биде потребно ќе се преземат и други дејствија.

-Утрово добивме наредба за вршење на претрес на една лока во Струмица и тој е завршен. Не е деловна просторија или дом поврзан со лидерот на СДСМ. Конкретното лице кое го посочувате е она на кое му се става на товар делото насилство врз највисоки претставници на државни институции. Ако се земе предвид дека ова лице во 4 наврати на негово барање остварил средба со претседателот на Владата на Република Македонија од септември до ноември и на тие средби заканувајќи се со обелоденување на информации кои може да нанесат штета на поединци на високи државни позиции настојувал да издејствува промена на составот на Владата на Република Македонија надвор од демократски предвидените процедури и предвремени парламентарни избори, изјави Јанкулоска.

Министерката потенцираше дека се постапува по сите наредби од надлежните органи и зависно од текот на настаните ќе се постапува по сите добиени насоки.

-Ценејќи дека анализата на документите во форма на електронски записи кај првоосомничениот се документи кои се со класифицирана содржина, но и со податоци за следење на комуникации на незаконски начин, станува збор за нелегално прибавување на информации, бидејќи на ниту еден легален начин не можел и не смеел да ги поседува. Задоволни сме од материјалните докази во прилог на кривичната пријава и оставаме органите да одлучат по основ на силината на документите, изјави Јанкулоска.

Министерката потенцираше дека сопругата на Верушевски како второпријавена во полициската акција служела за давање на информации кои подоцна биле искористени за вршење на делото. Таа била вработена во Стопанска банка, каде обработувала податоци.

Самиот факт што на нејзиниот службен компјутер пронајдени се документи со содржина која ја нарушува приватноста зборува дека таа во одредена мера учествувала во дејствијата кои наведуваат до сторена шпионажа. Кривичната пријава е за “помагање на кривичните дела“. Министерката Јанкулоска посочи дека материјалните докази докажуваат за ова кривично дело, но има дополнителни материјали кои допрва треба да се разгледуваат.

Јанкулоска вели дека жртвите на ваквите кривични дела се јавни личности, препознатливи во македонското општество.

Според првичните информации, периодот во кој се прибирани овие информации се по 2012-та година.