Јанкулоска:За илегалните мигранти притисокот никогаш не бил поголем

Проблемот со илегалната миграција кој всушност е основата заради која доаѓа до ваквите трагични последици е глобален проблем. Пристисокот што го имаат земјите од ЕУ и географски земјите кои припаѓаат на Европа, вклучително и Република Македонија која се наоѓа на надворешната граница на ЕУ е навистина голем и историски гледано притисокот никогаш не бил поголем.

Ова го нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска одговарајќи на новинарско прашање во врска со двајцата браќа Сиријци кои го загубија животот на пругата во близина на Велес.

– Тоа значи дека десетици, па и стотици илјади мигранти од кризните подрачја настојуваат да стигнат до нивната финална дестинација, до некоја западноевропска земја. Рутата по која најчесто се движат доаѓа најчесто од нашата јужна граница, значи преку Грција прават обид како транзитна територија да ја искористат територијата Република Македонија, а потоа да се упатат кон западноевропските земји, изјави Јанкулоска денеска   по завршувањето на тркалезната маса „Употреба на смартфони и конзумирање на алкохол ипсохотропни супстанции-опасно по животот на младите во сообраќајот“ во оранизација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

МВР со целиот капацитет и ресурси настојува да ги детектира илегалните мигранти, но големината и сериозноста на проблемот не може да се гледа, потенцира таа, низ призмата на постапување на една држава бидејќи ова е глобален проблем. Јанкулоска посочи дека во повеќе наврати пред нејзините колеги за внатрешни работи и пред земјите-членки на ЕУ апелирала за поголема соработка на сите засегнати страни, вклучително и грчките погранични власти, но и европските агенции надлежни за подобро обезбедување на границата.

– За жал се соочуваме со навистина голем проблем и со еден енормно зголемен притисок. Многукратно зголемен притисок во последните неколку години и овие трагични последици се резултат на повеќе околности по однос на кои ние со целиот наш капацитет се обидуваме да дадеме максимален придонес и за  намалување на бројот на илегални мигранти во смисла на нивна навремена детекција, но и за обезбедување на сите ризични точки, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.