Македонија

Јанкуловска го осуди палењето на македонското знаме во Приштина

Јанкуловска го осуди палењето на македонското знаме во Приштина

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска најостро го осуди чинот на палењето на македонското знаме на протестите што вчера се одржаа во Приштина.

„Очекувам дека властите во соодветните земји ќе ги преземат соодветните законски мерки да ги расчистат случаите, а сторителите да бидат соодветно санкционирани, изјави Јанкулоска по уништувањето на запленето оружје и разновидна дрога за кои веќе се донесени правосилни судски одлуки, во печките на „Југохром“ во тетовско Јегуновце.

На новинарско прашање дали официјално е реагирано до земјите каде што е тоа сторено, таа нагласи дека тоа е во надлежност на МНР.

Во однос на најавените протести кон крајот на неделата, министерката Јанкулоска ги повика лицата кои ќе учествуваат и што имаат намера да се приклучат на протестите, тоа да го прават мирно затоа што МВР е подготвено на максимално професионален начин, со почитување на сите професионални стандарди, соодветно да одговори протестите да не доведат до нарушување на јавниот ред и мир по улиците и градовите каде што ќе се спроведат, како и нивно ескалирање во поголемо насилство.

„За постигнување на оваа цел потребно е учество и на сите други останати општествени чинители, истакна министерката Јанкулоска.

За досегашната истрага за учесниците во протестите, Јанкулоска посочи дека се уште трае идентификација на лицата кои учествувале, предизвикале и провоцирале насилство. Досега се поднесени 24 кривични пријави за кои затворската казна изнесува од три месеци до пет години и 10 прекршочни пријави.