Јанкуловска: Изборниот ден помина мирно, санкциониран случај само во Струмица

Изборниот ден помина мирно, во фер и демократска атмосфера, оцени денеска министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Според МВР, единствениот случај, кој веќе е санкциониран од полицијата се случил во Струмица.

„Како покарактеристичен настан, за кој во текот на денешниот ден ќе следува и кривична пријава, би го издвоила настанот во Струмица, каде што две лица, на 30 и 52 годишна возраст се приведени утрово поради повреда на слободата на определување на гласачи. Известен е Јавниот обвинител и против нив ќе следува соодветна пријава“, изјави Јанкуловска.

Во однос на настанот во скопската населба Шуто Оризари, каде што заменик–претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, тврдеше дека била нападната од пратеникот Амди Бајрам и неговиот син, градоначалникот на Шуто Оризари, Јанкуловска посочи дека немало нарушување на изборниот процес.

„Меѓусебните расправии или обвинувања страните можат да ги докажуваат во постапка, но за нас е важно дека изборниот процес на посочената локација се одвиваше мирно, во фер и демократска асмосфера“, рече Гордана Јанкуловска, министерка за внатрешни работи.