Јанкулоска: Приоритет ни е почитувањето на човековите права и слободи кои се гарантирани со Уставот

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за време на вчерашната Надзорната расправа во Собранието посветена на правото на презумпција на невиност, притворот, слободата на изразување и правото на јавен протест истакна дека МВР секогаш ќе се држи до она што значи уставна и законска рамка.

Во своето обраќање таа потенцираше дека МВР и покрај бројните и многу чести обиди на опозицијата да изврши какво било влијание на работењето на Министерството, секогаш се држело и ќе се држи до она што значи уставна и законска рамка за функционирање на Министерството. Јанкуловска нагласи дека почитувањето на човековите права и слободи кои се гарантирани со Уставот, за нас секогаш биле приоритет.

„Самиот факт што досега ниту еднаш не е покрената никаква иницијатива пред Уставниот суд за евентуално нарушување на уставно загарантираните права, односно за негово одлучување по однос на тоа дали е повреден Уставот, зборува дека сите обвинувања кои доаѓаат се грубо политиканство“, појасни министерката.

Јанкуловска истакна дека е неспроно павото на граѓаните  да се собираат и да изразуваат јавен протест, тоа е регулирано во Член 21 од Уставот, исто како што е регулирано во Законот за јавни собири правото на граѓаните да се оствари на начин на кој граѓаните мирно ќе го изразат јавниот протест и притоа нема да се ограничи правото на граѓаните кои не учествуваат во протестот.

Таа потенцираше дека никому при јавното собирање не би требало да му бидат нарушени јавните права.

„Меѓутоа исто така е неспорно дека истиот тој закон предвидува дека заради интересите на безбедноста, организаторот на јавниот собир може да го извести Министерството за внатрешни работи за одржување на собирот, дека треба да организира редарска служба, дека треба да се грижи за јавниот ред и мир и да ги испланира мерките кои ќе бидат преземени во случај на негово нарушување, рече таа.

Јанкулоска нагласи дека заради заштита на граѓаните, заради нормално функционирање на сообраќај, заради обезбедување на населението со лекови, храна, гориво и слични потреби и заради почитување на сите обврски кои Република Македонија ги има преземено со меѓународни договори, јавниот собир може да го обезбедува и полицијата под точно определени услови.

„Меѓутоа, со оглед на тоа што оваа иницијатива во Собранието пристигна во периодот по 23 октомври, ако се обидеме да направиме паралела по однос на тоа каков беше протестот кој се одржа на тој ден, односно дали беа испочитувани правата на граѓаните кои не учествуваа на протестот, тогаш јас како министер за внатрешни работи би сакала пред целата јавност да кажам дека тој протест нити беше уредно најавен, ниту беше организирана редарска служба, нити се знае зошто тоа беше така направено. Претпоставувам единствен кој може да даде одговор се оние кои го инспирираа протестот и кои го организираа“, рече Јанкулоска.