Свет

Јанукивич ја прифати оставката на Азаров

Јанукивич ја прифати оставката на Азаров

Претседателот на Украина Виктор Јанукович ја прифати оставката на премиерот Микола Азаров, што повлекува и оставка на целата Влада, соопшти попладнево прес-службата на шефот на украинската држава.

Азаров денеска поднесе оставка во обид да продонесе за смирување на политичката криза која веќа два месеци ја потресува Украина.

„Со цел да се создадат дополнителни можности за политички компромис за мирно решавање на кризата, донесов одлука да го замолам претседателот на Украина да ја прифати мојата оставка, соопшти Азаров. – Конфликтната ситуација во земјата се заканува на економскиот и социјалниот развој на Украина, претставува закана за целото украинско општество и за секој граѓанин“, истакна сега веќе поранешниот премиер.

Според него, за време на кризата, Владата правела се за да биде решен конфликтот по мирен пат. – Правевме и правиме се, за да не дозволиме крвопролевање, ескалација на насилствата, повреда на правата на граѓаните. Владата, во екстремниуслови, обезбеди фуинкционирање на економијата и на системот за социјална заштита, истакна Азаров.

Тој оцени дека вложил големи напори за да може Украина да се развива како демократска европска држава и презел одговорност во интерес на народот, па затоа може чесно секому да погледне во очи.

Премиерот и министрите, сепак, ќе останат на функциите се до изборот на нов владин Кабинет, што мора да се случи во рок од 60 денови.

Оставка на Азаров уследи откако Јанукович на средба со лидерите на опозицијата премиерската функција му ја понуди на првиот човек на опозициската партија Татковина и поранешен шеф на дипломатијата Арсениј Јаценјук, но тој ја одби понудата.