Јанукович ќе одржи прес-конференција во Русија

Поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кој беше соборен од власт, ќе одржи прес-конференција во рускиот град Ростов на Дон, денеска во 17 часот пренесе „Гласот на Русија“. Местото на одржувањето на настанот се’ уште не е прецизирано, но ќе биде објавено дополнително.

Јанукович вчера му се обрати на украинскиот народ, со што истакна дека се’ уште се смета за легитимен претседател на земјата, оценувајќи ги случувањата во Врховната Рада како нелегитимни.

Поранешниот претседател истакнал дека потпишаниот од него и од лидерите на опозицијата договор од 21-ви февруари, за решавање на кризата во Украина, се’ уште не е исполнет.

За Јанукович беше распишана потерница под обвинение за масовни убиства, па затоа тој побара од Русија да ја гарантира неговата лична безбедност од активностите на екстремистите. Русија вчера објави дека одговорила на неговото барање. Соборениот државен лидер истакна во соопштението дека е решен да се бори до крај за спроведување на важните компромисни договори за излегувањето на Украина од тешката политичка криза .

Последните настани во Украина беа главна тема на телефонскиот разговор, спроведен помеѓу американскиот државен секретар Џон Кери и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Кери ги повикал руските власти да им се придружат на САД и нивните сојузници, во помошта за Киев.

Од своја страна Лавров истакнал дека Русија ќе помага за зачувување на територијалниот интегритет на Украина.

Претходно американскиот државен секретар ги коментираше вчерашните случувања во Крим и истакна дека евентуалната воена интервенција на Русија во Киев би била огромна грешка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.