Јанукович: Власта во Украина ја презедоа млади неофашисти

Поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, изјави дека власта во земјата е преземена од „млади националисти и неофашисти“, кои претставуваат апсолутно малцинство меѓу граѓаните на земјата, пренесе „ИТАР-ТАСС“.

За време на видеообраќањето од Ростов на Дон, Јанукович побара непристрасна истрага за „трагичните настани во Киев“, барајќи во истата да учествуваат претставници на власта, опозицијата и Советот на Европа.

„Денешната ситуација во Украина е резултат од неодговорната политика на Западот, што е ископирана од активистите на Мајдан“, изјавил Јанукович.

За време на првата прес-конференција Јанукович изјави дека не се смета за „соборен од власт“, пренесе „АФП“.

Тој објасни дека не бил соборен од претседателската функција, но бил принуден да ја напушти Украина преку закани. Јанукович ја изрази својата намера да „продолжи да се бори“ за иднината на Украина.

Сега веќе поранешниот украински претседател им се извини на граѓаните на Украина за настаните во земјата, истакнувајќи дека немал доволно сили, за да ги запре немирите.

„Вооружените луѓе треба да ги напуштат улиците, треба да биде овозможено нормално одвивање на животот на граѓаните во Украина“, додал тој.