Јапонци се бореа со меч на Широк сокак

Пред осум години бев во Македонија на свадбата на мојата снаа која е битолчанка и која се мажеше со син ми од Јапонија, а сега во Битола настапив со јапонски народен танц, вели Ми Цио од народниот ансамблот „Kумагаја“ од Јапонија.

Ова културно-уметничко друштво со своето гостување му даде егзотична нота на 44. фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, што од 29 јули до 1 август се одржува во Битола. Ансамблот дефилираше заедно на Широк сокак, па амбиенталната улица ја исполнија со јапонска музика. Пред љубопитната публика го изведоа традиционалниот танц познат од филмовите – „Борба на демони со мечеви“, пишува Дневник.

– Македонија е мала земја, но има големо космополитско срце. Тука се одржува најшареното и најдолго фолклорно дефиле во светот. Еден до друг танцуваат игроорци од Јапонија до Австралија. Ние изведовме танц стар со векови. Во центарот има војник-жена со меч во рацете. Тоа ја симболизира борбата меѓу доброто и лошото – додаде Ми Цио.

Мостот меѓу јапонското културно-уметничко друштво и Битола беше воспоставен преку снаата на Ми Цио, Марина Сајто. Таа е битолчанка, која веќе осум години е омажена за Јапонец од Kумагаја, Токио, со кого има двогодишен син.

Целиот текст прочитајте го тука.