Јапонија и Европската Унија денес потпишуваат договор кој ќе го разгневи Трамп

Јапонија и ЕУ денес треба да потпишат договор за слободна трговија кој ќе покрие третина од светската економија, и кој е очигледна спротивност на протекционистичката политика која ја заговара американскиот претседател Доналд Трамп.

Потпишувањето доаѓа во момент на засилени глобални трговски тензии, откако Трамп воведе царини на увоз на алуминиум и челик како и на кинеска стока и почна да ги преиспитува условите во автомобилската индустрија, потег кој ќе ги погоди и европската и јапонската индустрија.

Испраќаме силен сигнал до светот дека и понатаму веруваме во отворената трговија и дека протекционизмот никогаш не е правилниот одговор, кажа европската комесарка Сесилија Малмстром претходно месецов, кога државите членки се согласија со договорот.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер треба да го потпишат договорот, заедно со јапонскиот премиер Шинзо Абе, на церемонија во Токио. Потоа договорот треба да го ратификува Европскиот парламент, што се очекува во следните месеци, како и јапонскиот парламент.

Договорот, најголемиот кој досега го постигнала Европската Унија, ќе обедини околу 600 милиони луѓе од двата пазари. Европските функционери се надеваат дека тој ќе стапи на сила на почетокот на 2019.

Според договорот, Јапонија ќе ги укине царините на 94 отсто од целосниот увоз од ЕУ, вклучувајќи 82 отсто земјоделски и рибни производи.

Европската Унија ќе укине 99 отсто од царините на увозот од Јапонија. Ќе ги укине царините на увозот на јапонски автомобили и камиони во осмата година како и на телевизорите во шестата година од примената на договорот.

Потпишувањето требаше да биде објавено во Брисел на 11 јули, но откажано е по обилните дождови и поплави во Јапонија во кои загинаа 220 луѓе.

Двете страни во вторник ќе потпише и договор за стратегиско партнерство кој е наменет за јакнење на соработката околу прашањата за мирот и безбедноста, сајбер криминалот, енергетската безбедност и климатските промени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.