Јапонија и ИД договорија размена?

Јапонија и ИД се договорија за размена на јапонскиот новинар Кенџи Гото, кој во моментов се наоѓа во заложништво, јави јапонската телевизија Фуџи, пренесе РТС.

Засега нема официјална потврда за овие информации ниту од страна на јапонските ниту од страна на јорданските власти. Премиерот Шинзо Абе изјави дека последната закана од страна на ИД дека ќе го ликвидира заложникот, јапонскиот новинар Кенџи Гото, е „достојна за презир“.

Заменик министерот за надворешни работи на Јапонија Јашуиде Накајама изјави пред новинарите во Аман дека „во моментов нема информации што може да ги открие“.

Утрово агенцијата Бета пренесе дека во Јордан се водат тајни преговори, со цел ослободување на Гото и на јорданскиот пилот Муата ел Касесбех.

Ситуацијата беше влошена по синоќешниот ултиматум на ИД дека тие двајца ќе бидат убиени во рок од 24 часа, ако Јордан не ослободи една жена од Ирак која е осудена на смрт поради учеството во терористички напад врз хотел, во кој во 2005 та година животите ги загубија 60 лица.

Според неофицијалните извештаи Ришави треба наскоро да биде префрлена во друг затвор, од каде ќе биде предадена на претставниците на ИД во замена за јапонскиот новинар, објави Раша тудеј, пренесе Танјуг.

-Овој чин е достоен за презир до крајните граници и навистина сме гневни поради него. Остро го осудуваме, изјави Шинзо Абе.

Тој додаде дека ситуацијата е тешка и дека нема да се менува ставот дека е потребна помош од Јордан за Гото да биде пуштен на слобода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.