Јапонска донација: Подобрување на условите во транзитниот центар Табановце

Јапонската влада донираше сто контејнери, возило за собирање смет, кое ќе пристигне деновиве, десет корпи за смет, преку УНДП за потребите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ во општина Куманово. Половина од помошта е наменета за транзитниот центар Tабановце, каде што се сместени 1.038 мигранти и бегалци.

Транзитниот центар денеска го посетија јапонскиот амбасадор, Макото Такетоши, претставникот на УНДП во Македонија Луиза Винтон и градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски.
– Согледувајќи ги објективните потешкотии на Македонија во однос со справувањето со бегалската криза, јапонската Влада и УНДП задолжен за хуманиот аспект на кризата добивме реална помош. Од мое име и од име на граѓаните на општина Куманово и вработените во „Чистота и Зеленило“ изразувам голема благодарност за поддршката, изјави Дамјановски.

Значењето на помошта го истакна и претставникот на УНДП Луиза Винто, изразувајќи благодарност до јапонската Влада.
– Кога ќе се соберат целокупниот придонес на јапонската Влада на агенциите на ОН во одговорот на бегалската криза износот достигнува повеќе од 3,6 милиони долари. Зборувајќи од аспект на УНДП, навистина ми е мило што јапонската Влада согледа дека предизивиците со кои што се соочуваме овде имаат хуманитарен аспект, но имаат и развоен аспект. Можам да кажам дека УНДП од јапонската Влада доби 2 милиони 225 илјади долари токму да се осврнеме на овие развојни потреби, главно на заедниците домаќини во оваа криза, Куманово, Гевгелија и поконкретно Табановце, изјави Винтон.

Јапонскиот амбасадор, Макото Такетоши, кој претходно го посети Транзиниот центар Табановце ,од Куманово упати порака за солидарност во рамките на меѓународната заедница, бидејќи треба да им се помогне на луѓето кои страдаат во оваа ситуација, нагласувајќи дека центарот во моментов не е транзитен, бидејќи таму веќе 45 дена престојува поголема група на луѓе .

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.