Јапонската влада додели грантови од околу 370.000 евра за шест проекти во Македонија

Договорите се наменети за рехабилитација на основните училишта „Свети Климент Охридски“ во струшкото село Драслајца и „Вук Караџиќ“ во Куманово, за опремување на Пелагонискиот плански регион со механизација за превенција од поплави, опремување на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија со медицинска апаратура, опремување на Противпожарната единица во Општина Велес со ново противпожарно возило и за опремување на Општата Болница Охрид со амбулантно возило.

Средствата се обезбедени преку Програмата „Грант помош за поддршка на мали проекти – GGP, основана од Владата на Јапонија.

Тојоказу Кубота, вршителот на должноста амбасадор во Јапонската амбасада во Скопје на денешното потпишување на договорите рече дека ова е најголемата сума во последните десет години што е издвоена за GGP проекти во Македонија за една година.

– Убедени сме дека сите институции совесно ќе ги искористат средствата од грантовите со цел исполнување на поставените цели на проектите. Амбасадата на Јапонија во Скопје е подготвена да им помогне во нивните напори, а лично со нетрпение очекувам да ги посетам локациите на завршените проекти, истакна Кубота.

Оваа програма во Македонија се спроведува во 1996 година и досега се реализирани над 100 проекти низ целата држава со вкупен износ од околу шест милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.