Јапонски астронаут се извини за изјавата дека во космосот пораснал 9 сантиметри

Јапонскиот астронаут Норишиге Канаи, кој е дел од мисијата на Меѓународната вселенска станица (ISS), се извини во средата поради тоа што кажа дека пораснал девет сантметри во текот на престојот во Вселената и изрази загриженост дали ќе биде сигурен на враќањето на Земјата.

Повеќето астронаути „пораснуваат“ во текот на подолгите престојувања во Вселената поради тоа што нивниот ‘рбетен столб се растегнува поради недостигот од гравитациски сили, но станува збор за најмногу неколку сантиметри и по враќањето на Земјата работите се враќаат во нормала.

Четириесет и едногодишниот Норишиге Канаи, во декемри отпатува на Меѓународната вселенска станица и во понеделникот на Twitter напиша дека има „голема објава“.

„Измерена ми е височината во Вселената и некако сум пораснал девет сантиметри! За само три седмици навистина сум се истегнал. Тоа е нешто што не сум го видел уште од средното училиште. Поради тоа помалку сум загрижен дали ќе можам да се сместам во седиштето на Сојуз при враќањето“, напиша јапонскиот астронаут.

Ден подоцна призна дека самиот се мерел и се извини откако неговиот командант на екипажот на станицата го довел во прашање ова мерење.

„Се чини дека ова погрешно мерење стана голема работа, па морам да се извинам за оваа грозна лажна вест Се чини оти ќе ме собере во Сојуз, па ми олесна“, напиша сега Канаи.