Јапонски научници работат на метод за рано дијагностицирање на рак

Јапонски научници се обидуваат да разработат метод за рано дијагностицирање на 13 видови на рак со помош на обична анализа на крвта.

Вредноста на проектот изнесува 57 милиони евра и ќе придонесе за откривање на рак на дојката, абдоменот, коските, белите дробови, црниот дроб, жолчката, панкреасот, дебелото црево, јајниците, простата и мочниот меур.

Методот ќе може да помогне и за рано откривање на дегенеративни заболувања, како што е Алцхајмеровата болест.

Станува збор за анализа на микрорибонуклеинска киселина (микроРНК), чие зголемување се претпоставува дека е знак за развој на карциномот.

Во овој проект ќе учествуваат 65.000 пациенти, кои ќе бидат избрани од јапонскиот Национален центар за карцином.