Јапонскиот филм „Shoplifters“ добитник на Златната палма во Кан

Јапонскиот режисер Хироказу Коре-Еда е добитник на годинешната Златна палма која му е доделена во саботата на затворањето на 71-то издание на Меѓународниот филмски фестивал во Кан за филмот „Shoplifters“.

Станува збор за првата Златна палма доделена на јапонски филм по филмот „Unagi“ (Јагула) која во 1997 година ја освои режисерот Шохеи Имамура.

Филмот „Manbiki kazoku“ односно„Shoplifters“ , или како што на француски е преведен „Семејна работа“, е прогласен за најдобар филм со одлуката на жирито кое годинава го водеше австралиската актерка Кејт Бланшет на церемонијата на објавување на добитниците во Фестивалскиот дворец на прочуената Криазета.

Филмот на Коре-Еда е животна драма за семејство од работничката класа коешто живее од пензијата на бабата. Поради тоа принудени се да станат ситни криминалци кои крадат храна по супермаркетите. Тие на улица наоѓаат бездомно девојче коешто било злоставувано, кое постепено станува член на семејството. И покрај сите тешкотии, семејството живее среќно. Но сѐ се менува кога ќе дознаат дека се трага по нивната посвоена ќерка.

Годинешното издание на Канскиот фестивал се одржа на Азурниот брег од 8-ми до 19-ти мај, а во главната натпреварувачка програма беше прикажан 21 филм.