Јапонскиот премиер Абе ја започна дводневната посета на Белград

(Фото Танјуг)

Јапонскиот премиер Шинзо Абе ја започна во понеделниот дводневната посета на Белград, прва посета на некој висок јапонски државник на Србија во последните три децении.

На меѓународниот аеродром „Никола Тесла“, јапонскиот премиер Шинзо Абе го пречекаа неговата српска колешка по должност Ана Брнабиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, а свечен дочек пред палатата „Србија“ му приреди претседателот Александар Вучиќ.

Српскиот претседател пред посетата оцени дека станува збор за „голема чест, имајќи предвид дека Србија е една од шесте земји од источна Европа која ќе ја посети Абе и единствената на турнејата на јапонскиот премиер којашто не е членка на Европската унија.

Абе во дводневната посета на Србија ги придружува бројна делегација од јапонските деловни луѓе, а неговото доаѓање уште во најавите беше оценето како „историско“. Јавниот сервис РТС го пренесуваше директно свеченото пречекување, а најавен е во понеделник вечерта директен пренос од заедничкото обраќање за медиумите на Вучиќ и Абе.

Абе е првиот јапонски премиер кој доаѓа во Белград по 1987 година кога тогашниот премиер Јасухиро Накасоне ја посети поранешна Југославија.

Јапонија од 2001 година до денес на Србија низ различни проекти ѝ донирал повеќе од 500 милиони евра. Според РТС, јапонските стопанственици се заинтересирани за вложувања во прехранбената и ИТ индустријата.

Шинзо Абе во посета на Србија доаѓа во рамките на петдневната турнеја која ја започна на 12-ти јануари и со којашто се опфатени шест европски земји: Естонија, Литванија, Летонија, Бугарија, Србија и Романија.