Спорт

Стартува Ф4 турнирот на Евролигата во Белград Јасикевичиус со „Жалгирис“ брка победа против „Фенербахче“ на учителот Обрадовиќ

Јасикевичиус со „Жалгирис“ брка победа против „Фенербахче“ на учителот Обрадовиќ

Завршницата на Евролигата денеска стартува со „фајнал фор“ турнирот кој ќе се одржи во Белград.

Популарниот Ф4 турнир ќе трае до недела, а ќе се одржи во „Комбанк Арена”. Ф4 директно ќе се пренесува во повеќе од 200 држави, а предвидено е да го следат најмалку 500 милиони гледачи преку тв екраните ширум светот. Завршницата ќе ја отвори минатогодишниот шампион „Фенербахче“, кој ќе игра против „Жалгирис“, додека во второто полуфинале ќе се сретнат „ЦСКА“ и „Реал“.

Во првото полуфинале на „Евролигата“, „Жалгарис“ и „Фенербахче“ ќе излезат на мегдан од 18 часот. На овој меч ќе се сретнат учителот со ученикот – Жељко Обрадовиќ против Шарунас Јасикевичиус. Литванецот, кој е актуелен тренер на „Жалгарис“, веќе ја освои титулата како играч под водство на Обрадовиќ со „Панатинаикос“ во 2009 година.

Јасикевичиус го направи „Жалгирис“ најголемо изненадување оваа сезона во Евролигата со пласман во последните четири. Местото на Литванците во полуфиналето беше целосно заслужено по победи над „Фенербахче“, „ЦСКА“ , „Панатинаикос“ и „Олимпијакос“ во регуларната сезона, како и успехот со 3:1 во победи над „Олимпијакос“ во четвртфиналниот плејоф дуел.
„Фенербахче“ заврши втор во регуларната сезона на Евролигата и ја елиминираше шпанска „Басконија“ во четвртфиналето. Турскиот гигант има сериозни оружја, со кои ќе се обиде да го прекине сонот на „Жалгирис“ и да ја одбрани титулата. Тренерот Жељко Обрадовиќ знае најдобро како се освојуваа сличен трофеј откако веќе освоил девет европски титули како тренер. Јасикевичиус, пак, во едвај втората целосна сезона како тренер има четири титули како играч.

Тимовите на „ЦСКА“ и „Реал“ ќе се сретнат во второто полуфинале вечерва од 21 часот. Во овој натпревар ќе се спротистават тимовите со најдобар напад на турнирот. „ЦСКА“ со просек од 89,2 поени по натпревар и „Реал“ со просек од 85,7 поени. Шпанците добија „крила“ во претходната рунда од доигрувањето со враќањето на Серхио Љул по повредата, а многу надежи се вперени кон својата млада ѕвезда Лука Дончиќ.
Натпреварот за бронзените медали и големото финале на Евролигата ќе се одиграат во недела.