Македонија

Јавен повик за доделување на 12 ловишта под концесија

Јавен повик за доделување на 12 ловишта под концесија

Со цел обезбедување на одгледување, заштита и користење на дивечот во ловните региони, но и заради давање сериозни можности за остварување на бизнис за стопанските субјекти и нивно функционирање во профитабилна дејност, и за обезбедување на нови работни места и вработување на граѓаните, Владата преку Mинистерството за земјоделство, шумарство и водостопанство распиша јавен повик за доделување под концесија на дивечот во 12 ловишта кои се лоцирани во 5 ловни региони во Република Македонија

За ова денеска на прес конференција информираше портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, кој посочи дека од овие 12 ловишта, 3 се ловишта со ситен дивеч, чиј период на концесија изнесува 10 години, а 9 се ловишта со крупен дивеч чиј период на концесија изнесува 20 години.

Тој додаде дека се работи за концесии на 12 ловишта во земјата, од кои по едно ловиште во реонот на Македонски Брод, Прилеп и Струга, 4 во Кочани, и 5 во Делчево.

– На овој јавен повик право за учество имаат сите домашни правни лица и сите странски правни лица кои имаат регистрирано подружница во Република Македонија, согласно Законот за трговските друштва, кои ги исполнуваат условите од повикот и ќе подигнат тендерска документација и ќе поднесат понуда, информираше Ѓорѓиев.

Рокот за поднесување на понудите е до 20 јануари 2015 година, кога ќе следува и нивното јавно отворање. Во тендерската документација се содржани податоци за ловиштата, времетраење на концесијата (10 или 20 години), површина на ловиштата, десетгодишниот износ на концесиски надоместок утврден со ловностопанската основа за секое ловиште посебно кој е и минимален концесиски надоместок и останати услови и критериуми од значење за процесот и кои треба да се исполнат.

Минималниот концесиски надоместок наведен во тендерската документација, не е финалната сума која би ја плаќал концесионерот, тоа е само сума која служи како ориентир за субјектите кои конкурираат на јавниот повик за да ја формулираат нивната сума на концесиски надоместок која ќе ја понудат во јавниот повик и која сума задолжително треба да е повисока од сумата на минималниот концесиски надоместок кој е предвиден во тендерската документација.

Јавното отворање на понудите ќе биде на 20 јануари 2015 година.

Од Владата апелираат до сите субјекти да ја искористат оваа можност.

– Таа се карактеризира со полна транспарентност на целокупниот процес чија што финална гаранција е електронската аукција која се одвива за конечен избор. Стопанисувањето со ловиштата би значело нови можности за бизнис заедницата, бидејќи е доходовно и може покрај основната дејност да се надополнува и со профит од дополнителната дејност во врска со ловниот туризам. Сите субјекти кои имаат интерес за стопанисување во оваа сфера имаат можност уште отсега да се подготвуваат и да создаваат конкурентна предност која е потребна за потенцијално да се стекнат со правото на стопанисување на ловиштата, рече Ѓорѓиев.

Во моментов во Република Македонија од постоечките 250 ловишта, под концесија се стопанисуваат 210 ловишта.