Јавен повик за реконструкција на автопатот Смоквица-Гевгелија

Во тек е јавниот повик за реконструкција и надградба на 10,1 km од автопатната делница од Смоквица до Гевгелија.

Во рамките на овој проект предвидени се повеќе активности кои се насочени кон подобрување на условите за патување, односно ќе се овозможи пред се зголемување на безбедноста при патувањето, намалување на бројот на сообрајќајни незгоди, скратување на времето на патување, како и намалување на трошоците за одржување на возилата кои поминуваат по таа делница.

Предвидено е реконструкцијата и надградбата од автопатната делница да опфати обнова на асфалтот по целата должина од делницата, како и проширување на трета лента на подделниците Смоквица-Прдејци 6,72 км и Негорци-Гевгелија 3,43 км, понатаму поставување на нови банкини и заштитници, поставување на нова, современа хоризонтална и вертикална сигнализација.

Реализацијата на овој проект е надоврзување на тековната реализација на проектот за изградба на нов автопат на делницата Демир Капија – Смоквица, по чиешто завршување делот на меѓународниот коридор 10, кој поминува низ Македонија ќе биде целосно заокружен на ниво на автопат.

По спроведувањето на постапката и склучувањето на договор, се очекува градежните работи да да се реализираат во рок од 12 месеци. Рокот за поднесување на понудите од страна на заинтересираните компании кои ги исполнуваат пропишаните услови е 09.12.2014 година.

Јавниот повик е објавен на интернет-страницата за развој и соработка на Европската Комисија Europeaid, како и на интернет-страницата за централно финансирање и склучување договори на Министерството за финансии.