Јавна расправа за измените на Законот за Народен правобранител

На денешната јавна расправа за Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за народен правобранител, на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедници беа изнесени низа препораки.

Во рамки на јавната расправа меѓу другото се разговараше за воведување механизми за јакнење на институцијата Народен правобранител преку финансиска независност,  промена на начинот на вработување и одвојување на неговата стручна служба од државната администрација, поинтензивна комуникација и ангажман на Собранието во ефектурањето на препораките од омбдусманот…

Законските измени се дел од Итните реформски приоритети за Македонија од Европската комисија содржани во Извештајот на Прибе и со нив се врши усогласување со Париските принципи, со препораките на Групата искусни експерти за системски прашања за владеење на правото, како и со одредбите на Факултавниот протокол кон Конвенцијата против тортура и друг вид сурово, нечовечко или понижувачко постапување или канзување, рече заменик-министерот за правда Билјана Бришковска Бошковски.

Со измените, појасни, се уредува материјата за воведување промоција на човековите слободи и права, како и зајакнување на мандатот на Народниот правобранител, плурализам и зајакнување на независноста на оваа институција. Ќе се исполнат поставените критериуми за добивање стаус А за Национална институција за човекови права и се врши усогласување со меѓународно ратификуваниот документ за формирање посебно одделение за превенција од тортура.

Народниот правобранител Иџет Мемети оцени дека предложените измени се исчекор во насока на тоа институцијата што ја раководи да се претвори во национална институција со широка независност и мандат и која на многу поефикасен начин ќе може да ги промовира и превенира повредите и да ги заштити правата на човекот.

Според Мемети, Собранието на пленарна седница треба да може да расправа доколку има попречување на работата на Омбдусманот,  кој пак пред законодавниот дом би иницирал одговорност на носители на функции  кои евентуално би ја попречиле неговата работа. Мемети смета дека треба да се  најдат начини за почитување на препораките од Народниот правобранител и истакна дека еден од Париските принципи предвидува дека не може да функционираат капацитетите на оваа институција ако не се обезбеди независност на финансиите и на човечките ресурси. Вработените, нагласи, не треба да имаат статус на државни службеници.