Јавна расправа за Предлог-законот за општа управна постапка

Министерството за информатичко општество и администрација денеска организираше Јавна расправа за Предлог-законот за општа управна постапка, на која претставници на институциите можеа да дискутираат за содржината на предложеното решение.

Обраќање на настанот имаа министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и деканот на Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски.

„Целата комуникација меѓу институциите под управна постапка се предлага да се спроведува на електронски начин. Тоа значи дека документите кои ги испраќа првостепениот орган до второстепениот, задолжително ќе мора тоа да го направи во електронски формат. На тој начин, многу јасно и прецизно ќе се знае кои документи стигнале од првостепениот орган до второстепениот, кој ги испратил, кога ги испратил и кога тие пристигнале. Целта е да нема случувања како досега, бидејќи граѓаните постојано се жалат дека една институција постојано ги губи нивните документи и барања. Овој закон тоа нема да го дозволува.„- изјави министерот Ивановски.

„Новиот Закон за општа управна постапка е подготвен согласно европските стандарди и начела со помош на експертите на ЕУ. Управните договори што ги склучува државата мора да се направат согласно прописите на општата управна постапка, што претставува радикална новина.„- рече проферсорот Давитковски.

Инаку, со овој закон се уредува постапката за сите управни дејствија на државните органи, органите на локалната самоуправа и на другите установи или правни лица кога вршат јавни овластувања, како и на правни лица кои даваат услуги од општ интерес, а со цел на граѓаните да им се гарантира заштитата на нивните права и правни интереси, како и заштита на јавниот интерес.