Јавна расправа за Предлог-законот за општата управна постапка

Јавна расправа за работната верзија на Предлогот на законот за општата управна постапка се одржува денеска во рамките на 12-та седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците при Собранието на Република Македонија.

Во рамки на расправата воведно излагање за законското решение имаше министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, кој истакна дека Владата на Република Македонија одлучи да го модернизира системот на управни постапки врз основа на потполно нова правна рамка, т.е. нов Закон за општата управна постапка, со кој од една страна ќе се зачувуваат традиционалните вредности и добрите страни на сегашниот ЗОУП, но исто така и ќе се отворат можности за примена на нови институти кои одговараат на современиот технолошки и општествен развој.

– Целта на новиот закон е да се воспостави целосен и синхронизиран систем на управна постапка, со кој треба да се подобри транспарентноста на управните постапки, да се зголеми довербата на граѓаните во јавната администрација, да се поттикне управна пракса ориентирана кон услугите и професионална јавна администрација, како суштински услов за економскиот развој, потоа да се поддржи ефективното и етичкото однесување на државните и јавните службеници во заштитата на јавниот интерес, како и да се подобри ефикасноста (економичноста) на донесувањето на управните акти во корист и на јавниот интерес и интересот на граѓаните. Исто така, со ова законско решение треба да се трасира патот и да се започне со примената на современи информатичко-комуникациски технологии за испораката на административните услуги (е-администрација) и да се усогласи македонската јавна администрација со стандардите на ЕУ, рече Ивановски.

Новиот ЗОУП ќе обезбеди правна заштита кога испораката на јавните услуги (како на пример, телекомуникациски услуги, снабдување со електрична енергија или вода) ги попречува правата на граѓаните или нивниот законски интерес. Исто така, ќе се воспостави и законска основа за „единствената точка за контакт“, преку која граѓаните ќе можат на поефикасен и поекономичен начин да ги остварат своите права и правни интереси.

Свои видувања на денешната јавна расправа по предло-законот за општата управна постапка изнесе и деканот на Правниот Факултет при УКИМ, професорот Борче Давитковски.