Јавните чешми загадени, институциите си ја префрлаат вината

Нема институција во државава што може да ги натера општините да го подобрат квалитетот на водата од јавните чешми што не се приклучени на водовод, туку се на извори или бунари и половина од нив се бактериолошки и хемиски загадени, пишува „Дневник“.

Единствената препорака што ја даваат од републичкиот Институт за јавно здравје е граѓаните да не пијат вода од јавните чешми.

– Министерството за здравство нема ингеренции да ги натера општините да преземат одредени мерки, за тоа е надлежна Агенцијата за храна и ветеринарство. Ние како ИЈЗ само ја испитуваме водата. Инаку, треба да се знае дека тоа се природни чешми и водата од нив не треба да се пие. Граѓаните треба да пијат вода само од градскиот водовод. Јавните чешми можат да се користат само за освежување, односно за миење. Тие се постојано загадени и тоа не е променлива категорија. Тоа со години е така. Ако се случи во одреден период да се во ред, во наредните денови водата може повторно да не е за употреба. За тоа придонесуваат и самите граѓани. Единствено што може е да се постават табли со забрана – вели за „Дневник“, д-р Михаил Kочубовски, раководител на Секторот за здравствена екологија во ИЈЗ.

Од Министерството за здравство за одговорни ги посочуваат Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според Националната годишна програма, ЦЈЗ-Скопје четирипати годишно го контролира градскиот водовод, еднаш годишно локалните селски водоводи и селата без локален водовод. Другите јавни објекти, односно крајпатни чешми, чешми во рекреативни подрачја и други се проверуваат најмалку еднаш годишно, пишува „Дневник“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.