Јавните здравствени установи со нови апарати за лабораториски анализи

Нови апарати со кои се вршат лабораториските анализи ќе добијат сите Јавни здравствени установи во Македонија.

Медицинската опрема која денес беше поставена во ГОБ „Св. Наум Охридски“ ја промовираше премиерот Никола Груевски.

Премиерот објасни дека апаратите се набавени по моделот за набавка на реагенси, односно се набавуваат реагенси, а во набавката се добива на користење апаратот без да се плаќа на три години. По три години ќе се распише тендер за реагенси и тој што ќе го добие тендерот го доставува на користење апаратот.

-Апаратот има силен капацитет, прави 400 анализи во еден час и планот е во наредните две недели да се објави јавен повик за набавка на реагенси за уште 56 јавни здравствени установи и тие заедно со реагенсите ќе добијат бесплатни апарати. Практично сите ЈЗУ во Македонија кои имаат потреба од лаборатории за крвни анализи ќе добијат ваков апарат по цени кои се многу подобри од минатото, нагласи Груевски.

gruevski-gradska1

Досега се набавени 14 апарати, а околу мај се очекува новите апаратите да пристигнат и да бидат ставени во функција со што сите ЈЗУ ќе имаат апарати и доволно реагенси за секој од нив.

Премиерот додаде дека поправката на апаратите не е на товар на болниците, доколку тој се расипе набавувачот на реагенсите е должен да ги поправи. Како што нагласи Груевски, ова е модел кој се користи за прв пат, а утврдено е дека го задржува квалитетот, а заштедува и пари во буџетот.

gruevski-gradska2

Во рамки на посетата на болницата, премиерот додаде и дека за околу две недели ќе биде објавен јавен повик за набавка на четири ендоскопски столови, два кревети кои се потребни за пациенти со изгореници и еден мамограф за ГОБ „Св. Наум Охридски“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.