Јемен: Немирите доведуваат до зголемување на цената на нафтата

Цената на нафтата порасна откако Саудиска Арабија почна воздушни напади против бунтовниците хути во Јемен, што поттикнува страв околу производството на нафта на Блискиот Исток, јави Танјуг.

Американската лесна нафта за испорака во мај поскапе на њујоршката берза за 1,9 долари на 51,11 долари, додека нафтата од типот „брент“ за испорака во мај во Лондон поскапе за 1,95 долари на 58,43 долари.

Вчера американската нафта поскапе за 1,7 долари, а европската „брент“ нафта за 1,37 долари, по веста дека претседателот на Јемен Мансур Хади е пренесен на сигурна локација по воздушниот напад на претседателскиот комплекс.

Саудиска Арабија, која се граничи со Јемен, започна операција против бунтовниците Хути во обид да го заштити јеменскиот лидер и земјата од граѓанска војна.

Јемен се повеќе е поделен меѓу северот, кој е под контрола на Хути, наводно поддржани од Иран, и јужниот дел под контрола на луѓе лојални на претседателот Хади.

– Геополитичките тензии во Јемен ја зголемуваат цената на нафтата. Земјата не е голем производител, но е регионален трговски центар поради што тензиите може да предизвикаат прекин во трговијата со енергенси во регионот, изјави инвестицискиот аналитичар на сингапурската компанија „Филип фјучерс“, Данијел Анг.

Цените на нафтата од јуни се намалија за 60 проценти, првенствено поради производството во САД и членовите на ОПЕК.