Свет

Јемен: За две недели убиени 500 лица

Јемен: За две недели убиени 500 лица

Повеќе од 500 лица од кои 90 деца, ги загубија животите во последните 14 дена во судирите во Јемен, соопшти денес заменикот на генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, Валери Амос .

Според информациите, до сега се повредени над 1.700 луѓе, додека десетици илјади лица веќе ги напуштиле своите домови.

Како што пренесуваат француските медиуми, Амос ги повикала сите страни во конфликтот да не ги ранатираат болниците, училиштата, цивилната инфраструктура и бегалските кампови.

Од ОН беше побарано од сите инволвирани страни да го почитуваат меѓународното право и да се грижат за безбедноста на цивилите, како и да се обезбеди пристап до населението заради испорака на храна и лекови.

Претставникот на Јемен во Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ) изрази стравување од претстојна хуманитарна катастрофа и истакна дека во текот на првите четири дена од воздушната операција биле убиени 62 деца, колку што вкупно загинале во цела мината година кога шиитската милиција Хуси ја почна борбата против владините сили. Притоа тој процени дека приближно третина од борците на сите страни се помлади од 18 години и дека некои имаат 13 или 14 години.

Минатата недела саудиската авијација со поддршка на Бахреин, Катар, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, почна со бомбардирање на позициите на Хусите, приврзаници на движењето Ансар Алах, на јеменска територија.