Ји: Не сум разговарал со Тилерсон за политиката на САД на Балканот

Американскиот заменик помошник државен секретар за средна и јужна Европа Хојт Ји сведочеше пред Комисијата за надворешни работи на американскиот Конгрес вчера, при што ја поздрави одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да го именува лидерот на СДСМ Зоран Заев за мандатар. Ји ги отфрли обвинувањата на конгресменот Дејна Рорабахер дека американската дипломатија се мешала во внатрешните политички работи на Македонија за да доведе до формирање на Влада предводена од СДСМ и потврди дека досега немал директна комуникација со државниот секретар Рекс Тилерсон во утврдувањето на политиката кон Балканот.

– Ние, заедно со нашите европски партнери навистина силно го поттикнувавме претседателот да го почитува Уставот и европските демократски норми и да го додели мандатот за состав на Владата на мнозинството во Собранието”, изјави Ји во дискусијата со конгресмените.

Во претходно подготвените забелешки, Ји изјави дека “ќе работиме со новиот претседател на Собранието во поддршка на демократијата и на напредокот на Македонија на европскиот пат. Ги повикуваме македонските власти целосно да ги истражат нападите врз пратениците што следеше по изборот на новиот претседател на Собранието и да се доведат одговорните пред лицето на правдата“.

Конгресменот Дејвид Силицини од опозициската Демократска Партија, кој беше дел од делегацијата што неодамна престојуваше во Македонија, го праша Ји дали имал можност директно да ја утврди политиката на новата американска админситрација кон Балканот во дискусија со државниот секретар Рекс Тилерсон. Ји одговори дека досега немал можност да го стори тоа.

– Не сум разговарал директно со секретарот Тилерсон за нашата политика на Балканот. Но, сепак би сакал да ве уверам дека многу од тоа што го правиме е темелно дистрибуирано, одобрено и прегледано од високите претставници на Стејт Департментот, а секако го информираме и Секретарот за нашите активности и планови, особено имајќи предвид дека тој требаше да одлучи дали ќе го потпише или не протоколот за членство на Црна Гора во НАТО, одговори Ји, на што Силицини забележа – “ќе биде од корист да знаеме дали Државниот Секретар дискутирал со вас за стратегијата на новата администрација во регионот. Од вашиот одговоро, ќе заклучам дека тоа не се случило”. За време на неговиот престој во Скопје, по одлуката на Стејт Департментот да го признае Талат Џафери за претседател на Собранието, Ји беше прашан на кое ниво е донесена таа одлука и дали администрацијата на Доналд Трамп е информирана за работата на Стејт Департментот на Балканот.

Силицини дополнително го праша Ји дали се согласува со најавите за драматично кратење на средствата кои САД ги трошат за развој на невладиниот сектор и слични активности во регионот, на што Ји одговори дека Стејт Департментот се согласува со предложениот буџет и ќе се обиде да ги продолжи своите активности и со помалку средства.

Конгресменот Дејна Рорабахер директно го обвини Ји дека Стејт Департментот се мешал во развојот на политичките настани во Македонија, како со помагање на лево ориентирани организации поврзани со фондацијата на Џорџ Сорос, така и со притисок да се формира Влада без ВМРО-ДПМНЕ.

– Македонија е мала земја во која ние очигледно имаме големо влијание. Крајно отворено ќе ви кажам – ја оплескавте работата таму, изјави конгресменот Рорабахер, прашувајќи “дали е точно дека се обидуваме да им наметнеме на луѓето таму каква Влада би била во нивен интерес? Дали им кажуваме дека, во ред, имате демократски процес, но еве што ние сакаме од вас да направите? Дали е тоа целта на овие операции кои ги спроведувате со фондацијата на Сорос? Тоа мене ми наликува на мешање во внатрешните работи на една држава. Во Македонија, една партија победи на изборите, и има извештаи дека нашиот амбасадор таму поттикнувал ситуација во која во македонската Влада нема да влезе партијата која го добила мнозинството гласови, туку дека сме поттикнувале опструкции и формирање на поинакви коалиции”.

Заменикот помошник секретар Ји одговори дека сумите пари кои САД и Европската Унија ги даваат на Фондацијата Отворено Општество во Македонија не се толку големи и влијанието на Џорџ Сорос врз американската надворешна политика не е толкаво како што се претставува. Притоа, Ји ги отфрли обвинувањата дека Стејт Департментот и амбасадата во Скопје се мешале во македонскиот политички процес, но потврди дека со барањето за прием во НАТО, Македонија се обврзала да спроведува одредени политики.

– Да бидам јасен на прашањето за мешање во внатрешните работи. Нема сомнеж дека САД агресивно ги бранат своите национални интереси, и веруваме дека нашите интереси треба да бидат прифатени од државите кои сакаат да бидат партнери со нас. Важно е да се каже дека македонија сака да се зачлени во НАТО и во Европската Унија. Ние сме партнери и се обидуваме да им помогнеме да ги постигнат стандардите кои се неопходни за членство во воие организации. Така што, кога се залагаме за владеење на правото, за независност на судството, за човекови права, овие прашања можеби не се секогаш популарни кај властите, но сметаме дека како партнери и потенцијални сојузници важно е да им кажеме јасно и да им помогнеме да ги спроведат реформите. Доколку Владата не сака да го стори тоа, има суверено право да одбие. Но, наша обврска е да кажеме јасно кои се нашите приоритети, изјави Ји во дискусијата што ја имаше со конгресментот Рорабахер.

Рорабахер возврати дека од дискусијата е јасно дека дипломатите од Стејт Департментот сугерирале до претседателот Иванов како да постапи во врска со мандатот.

– Македонија остана без Влада затоа што луѓе доаѓаат од надвор и ги убедуваат политичарите да не го почитуваат ставот на мнозинството, или да одбијат да прават компромиси при преговарањето за состав на Владата. Доколку ние таму ги промовираме нашите интереси, и притоа ги поврзуваме со некои општествени цели со кои граѓаните во Македонија не се согласуваат, тогаш ние се мешаме во нивниот политички систем и на крајот во целост го растуривме, заклучи Рорабахер.